14 главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови – како огнен пламен;
15 нозете Негови – слични на усвитена бронза, како во печка вжарена, а гласот Негов – како шум од многу води.
16 Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Негово светеше како што сонцето сјае во полна сила.
17 Штом Го видов, паднав пред Неговите нозе како мртов. Тој ја стави Својата десна рака врз мене и ми рече: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот
18 и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови и ги имам клучевите од адот и смртта.
19 И така напиши што виде, што е и што има да стане по тоа.
20 Ова е тајната на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десница, а на седумте златни свеќници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви – а седумте свеќници, што ги виде, тоа се седумте цркви.“