1 И видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга напишана однатре и однадвор, запечатена со седум печати.
2 И видов силен ангел што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“
3 И никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.
4 И јас многу плачев, што никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ѕирне во неа.
5 А еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“
6 Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со седумте рога и седумте очи, кои се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.
7 Тој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.
8 И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите;
9 и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,
10 и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата!“
11 Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и старешините, а бројот им беше илјадници и милиони,
12 кои зборуваа со висок глас: „Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!“
13 И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув како зборува: „На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“
14 А четирите животни велеа: „Амин!“ И дваесет и четирите старешини паѓаа и Му се поклонуваа на вечно Живиот.