1 И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној Кој ги има седумте ѕвезди: ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а мртов си.
2 Биди буден и утврдувај ги оние што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог.
3 Спомни си за она што си го примил и чул, и послушај го, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе.
4 Но во Сард имаш неколку имиња што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни.
5 Кој победува ќе биде облечен во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.
6 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.
7 И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, никој не може да отвори:
8 ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.
9 Ете, ќе направам некои од сатанската синагога – оние што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат, – да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат дека Јас те засакав.
10 Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата.
11 Ете, доаѓам скоро: држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој.
12 Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име.
13 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.
14 И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинитиот Сведок. Почетокот на Божјото создание:
15 ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок!
16 Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја!
17 Зашто велиш: „Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба“, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;
18 те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш.
19 Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се.
20 Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.
21 На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол.
22 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.