1 И видов друг силен ангел како слегува од небото, обвиен со облак, над главата виножито, а лицето негово беше како сонце, додека нозете како огнени столбови;
2 во раката своја тој држеше отворена книшка; и ја постави својата десна нога над морето, а левата – над земјата;
3 и извика со висок глас, како што рика лав; а кога извика, седум громови проговорија со своите гласови.
4 И кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам. Но чув глас од небото, кој ми зборуваше: „Запечати го тоа што го зборуваа седумте громови, и немој да го пишуваш!“
5 И ангелот, кого го видов како стои над морето и над земјата, крена рака кон небото
6 и се заколна во Оној Кој живее во вечни векови и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него – дека не ќе има веќе време,
7 но во деновите, кога седмиот ангел ќе се огласи и ќе затруби, тогаш ќе се изврши тајната на Бога, како што им беше објавил Тој на своите слуги – пророците.
8 И гласот што го бев чул од небото, одново прозборува со мене и рече: „Оди и земи ја отворената книшка од рацете на ангелот што стои над морето и над земјата!“
9 Тогаш отидов кај ангелот и му реков: „Дај ми ја книшката!“ Тој ми одговори: „Земи ја и изеди ја! Во стомакот твој таа ќе ти биде горчлива, но во устата ќе ти биде слатка како мед.“
10 Ја зедов книгата од рацете на ангелот, и ја изедов и во устата ми беше слатка како мед, а кога ја изедов, ми беше горчлива во стомакот.
11 И ми рече: „Треба пак да пророкуваш меѓу многу народи и племиња, јазици и цареви.“