Откровение 12 MK2006D

Жената облечена во сонце и змевот

1 И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди.

2 Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.

3 Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни;

4 опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.

5 И таа роди машко дете, кое ќе ги па­се сите народи со железен жезол; и детето нејзино беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол.

6 А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена.

7 И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив;

8 но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото.

9 И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше со­бо­рена на земјата, и заедно со неа и анге­лите нејзини беа исфрлени.

10 И чув висок глас на небото како зборува: „Сега настана спасението и си­лата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.

11 Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.

12 Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои жи­ве­ете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“

13 А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете.

14 И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.

15 И змијата од устата своја испушти по жената вода како река, за да ја од­влече со реката.

16 Но земјата ѝ помогна на жената: ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката што ја беше испуштил змевот од устата своја.

17 И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Хрис­тос.

18 И застана на морскиот песочен брег.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22