1 И видов кога Јагнето скрши еден од седумте печати, и чув едно од четирите животни кое проговори како со глас на грмотевица: „Дојди и види!“
2 И видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи.
3 А кога го извади вториот печат, го чув како проговори второто животно: „Дојди и гледај!“
4 И излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот од земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч.
5 А кога се отвори третиот печат, чув како проговри третото животно: „Дојди и види!“ И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја.
6 И чув глас сред четирите животни, кој зборуваше: „Шиник пченица за денариј, и три шиника јачмен за денариј; а растителното масло и виното ќе ги нема!“
7 И кога се раскрши четвртиот печат, го чув гласот на четвртото животно кое рече: „Дојди и гледај!“
8 И видов. И ете сив коњ, а на него јавач, чие име беше смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата – да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови.
9 А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа
10 и викаа со висок глас, велејќи: „До кога, Севишен, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?“
11 И на секого од нив им се дадоа бели облеки, и им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие.
12 И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв;
13 ѕвездите, пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои;
14 и небото исчезна како свиткана хартија, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои;
15 и царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари,
16 велејќи им на планините и на карпите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето,
17 зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?“