Откровение 11 MK2006D

Двата сведока

1 И ми се даде мерна трска слична на жезол, и ми се рече: „Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него.

2 А дворот пред храмот остави го и не мери го, бидејќи им е даден на нез­набошсите: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеци.

3 И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да проро­куваат илјада двесте и шеесет дена.“

4 Тие се двете маслинови дрвца и два­та светилника што стојат пред Гос­по­да­рот на Земјата.

5 И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од устата нив­на и ќе ги проголта нивните неприја­те­ли; да, така треба да биде убиен оној што ќе посака тоа да го направи.

6 Тие ќе имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претвораат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога ќе посакаат.

7 И кога ќе го завршат сведоштвото, тогаш ѕверот, кој ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие.

8 А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.

9 И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и нема да дозволат нив­ните трупови да бидат погребани во гробови.

10 И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат подароци еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние што жи­веат на земјата.

11 Но по три и пол дена во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние што ќе ги гледаат.

12 Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: „Искачете се ваму!“ И тие ќе се искачат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги ви­дат.

13 Во тој час ќе настане голем земјотрес и една десетина од градот ќе се сруши; а од земјотресот ќе загинат седум илјади човечки имиња: другите, пак, ќе се исплашат и ќе Му оддадат слава на небесниот Бог.

14 Второто зло мина. Ете, брзо иде третото зло.

Седмата труба

15 Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: „Царството на светот стана цар­ство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите ве­кови!“

16 И дваесет и четирите старешини, кои седеа пред Бога на престолите свои, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога,

17 велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Седржителе, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, зашто ја прими Својата голема сила и се зацари!

18 Народите збеснаа, но дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои – на пророците, на светиите и на оние кои имаат страхопочит кон името Твое, ма­ли и големи, и да ги погубиш оние што ја уништуваа земјата!“

19 Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм; и имаше светкавици и гласови, громови и земјотрес, и град го­лем.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22