Откровение 17 MK2006D

Вавилон – големата блудница

1 Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте чаши, и зборуваше со мене, велејќи ми: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи над многу води;

2 со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опија жителите на земјата!“

3 И ме одведе со духот во пустина: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови.

4 А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, со драгоцени камења и бисери. Во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино.

5 А на челото ѝ беше напишано име­то: „Тајна, великиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.“

6 И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и со крвта на сведо­ци­те Исусови; и се зачудив многу ко­га ја видов.

7 И ми рече ангелот: „Што се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на оваа жена, и на ѕверот, што ја носи и има седум глави и десет рогови.

8 Ѕверот, што го виде ти, беше и го нема; тој ќе излезе од бездната и ќе за­гине; и земните жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот од созданието на светот, ќе се почудат, ко­га ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако постои.

9 Овде е потребен ум што има муд­рост. Седумте глави, тоа се седумте го­ри врз кои седи жената;

10 а седумте цареви, од кои петмина паднаа, едниот постои, другиот уште не дошол; и кога ќе дојде, малку ќе остане.

11 И ѕверот што беше и кого што го нема, е осми; тој е еден од седумте и ќе загине.

12 А десетте рогови, што ги виде, се десет цареви, кои царства уште не при­мија, туку како цареви ќе добијат власт само за извесно време заедно со ѕверот.

13 Тие имаат една мисла, и силата и власта своја ќе му ја предадат на ѕверот.

14 Тие ќе војуваат против Јагнето, и Јагнето ќе ги победи, зашто Тој е Гос­подар над господарите и Цар над царе­ви­те, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни.“

15 И ми рече: „Водите што ги виде ти, каде што седи блудницата, тоа се лу­ѓето и народите, племињата и јазиците.

16 А десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат.

17 Зашто Бог им даде во срцата нивни да ја исполнат волјата Негова, да се договорат и да го дадат царството свое на ѕверот, додека не се исполни словото Божјо.

18 А жената, која ја виде ти, е голе­ми­от град кој царува над земните цареви.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22