Откровение 18 MK2006D

Падот на Вавилон

1 А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше го­лема власт: и земјата светна од не­го­ви­от болскот.

2 И извика силно, зборувајќи со висок глас: „Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врта­лиште на сите нечисти и гадни птици;

3 зашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а тр­говците земни се збогатија од нејзината голема раскош!“

4 И чув друг глас од небото како вели: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини;

5 бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.

6 Платете ѝ како што и таа ви плати вам и дајте ѝ двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која ве служеше, послужете ја двојно.

7 Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Зашто во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘

8 Затоа во еден ден ќе ја сполетаат казните; смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ Кој ја суди.

9 И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино;

10 и стоејќи оддалеку, од страв пред нејзините маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, зашто во еден час дојде пресудата твоја!‘

11 И трговците земни ќе плачат и ри­даат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува;

12 стоки од злато и сребро, од дра­гоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо и мермер;

13 и цимет и темјан, миро и ливан, ви­но и масло, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души чо­веч­ки.

14 И овошјата, за кои душата ти копнееше, повеќе ги немаш, и сето богатство и сјај исчезнаа за тебе, и нема веќе да ги најдеш.

15 Трговците, кои со тие стоки се збо­га­тија од неа, ќе стојат оддалеку од страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи

16 ќе зборуваат: ,Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,

17 зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘ И сите сопственици на кораби, и сите патници во корабите, и морнарите, и оние што тргуваат по море, застанаа оддалеку

18 и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: ,Кој беше како овој голем град?‘

19 И ги посипаа главите свои со пепел и со плачење викаа и велеа: ,Тешко, тешко тебе, граде голем со чии скапо­це­ности се обогатија сите што имаа ко­раби по море; зашто за еден миг за­пусте!‘

20 Весели се поради тоа, небо, и вие светии и апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!

21 Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички ка­мен, па го фрли во морето и рече: ,Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘

22 И глас на харфисти, пејачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе.

23 И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младо­же­нец и невеста нема веќе да се чуе во те­бе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите ма­гии се заблудија сите народи.

24 И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа погубени на земјата.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22