Откровение 9 MK2006D

1 Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда како падна од небото на земјата. И ѝ беше даден клучот од кла­де­не­цот на бездната;

2 па го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе дим како дим од голема печка; сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот.

3 И од димот се појавија скакулци по земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии.

4 И им се рече да не ја повредуваат тревата по земјата, ниту какво и да би­ло зеленило, ниту некое дрво, а само оние луѓе, кои немаат печат Божји на челата свои.

5 И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и маче­ње­то нивно беше како мачење од скорпија, кога ќе касне човек.

6 Во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.

7 По својот облик скакулците личеа на коњи приготвени за војна: на главите нивни имаше нешто слично на златни венци, а лицата им беа како лица чо­веч­ки;

8 имаа коси како косите на жени, а забите им беа како заби на лавови.

9 И имаа оклопи како оклопи од же­лезо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коњи кога трчаат во војна.

10 Имаа, пак, опашки како скорпиите, а на опашките осила и им беше дадена сила да им пакостат на луѓето пет месеци.

11 И за цар над себе го имаа ангелот на бездната; името негово по еврејски е Авадон, а по грчки – Аполион.

12 Едното зло помина, еве идат уште две зла по него.

13 И шестиот ангел затруби, и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник, што е пред Бога,

14 кој му зборуваше на шестиот ангел, кај кого беше трубата: „Ослободи ги че­тирите ангели, врзани кај големата река Еуфрат!“

15 И беа одврзани четирите ангели, кои беа приготвени за часот и денот, за месецот и годината, за да убијат една третина од луѓето.

16 Бројот на коњаниците беше двесте милиони – го чув нивниот број.

17 И така во видение ги видов коњите и оние кои јаваа на нив, што имаа оклопи огнени и синкасти и сулфурни. Главите на коњите личеа на глави од лавови, а од устата нивна излегуваше оган, дим и сулфур.

18 А од тие три зла – огнот, димот и сулфурот, што излегуваа од нивната уста, умре една третина од луѓето,

19 бидејќи нивната сила беше во нивната уста, а опашките нивни, што личеа на змии, имаа глави со кои пустошеа.

20 А другите луѓе, што не загинаа од тие зла, не се покајаа за делата на рацете свои, та да не се поклонуваат ни на ѓаволи ни на идоли златни и сребрени, бронзени, камени и дрвени, кои не мо­жат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту, пак, да одат;

21 и не се покајаа ни за убиствата свои, ниту, пак, за вражбите свои, ниту за блудството свое, ниту за кражбите свои.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22