Откровение 2 MK2006D

Порака до црквата во Ефес

1 На ангелот на Ефеската црква напиши му: ова го вели Оној Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Сво­ја, Кој оди среде седумте свеќници;

2 ги знам делата твои, трудот твој и трпението твое, и дека не можеш да ги поднесеш лошите; знам дека си ги испитал оние што себеси се нарекуваат апостоли, а не се, и дека си утврдил де­ка се лажговци;

3 дека имаш трпение, дека си поднесувал за името Мое и дека не си се уморил.

4 Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов.

5 Спомни си од каде си паднал и покај се, и врши ги поранешните дела; ако не, скоро ќе ти дојдам и ќе го преместам свеќникот твој од местото негово, ако не се покаеш.

6 А ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам.

7 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на Црквите: – на оној што победува ќе му дадам да јаде од дрвото на животот што е сред Божјиот рај.

Порака до црквата во Смирна

8 И на ангелот на Смирненската црк­ва напиши му: така вели Првиот и Пос­ледниот, Кој беше мртов и еве ожи­веа:

9 ги знам твоите дела, скрбта и сиромаштијата – но ти си богат: и хулењата на оние, кои за себе велат дека се Ју­деј­ци, а не се, туку се сатанска збирштина.

10 Не плаши се воопшто од она што ќе треба да го истрпиш. Ете, ѓаволот не­кои од вас ќе фрли в затвор за да ве ис­куша, и ќе бидете нажалени десетина дни. Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот.

11 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на победникот, втората смрт нема да му нанесе штета.

Порака до црквата во Пергам

12 А на ангелот на Пергамската црква напиши му: вака вели Оној Кој држи меч со две острици:

13 ги знам делата твои, каде живееш, каде е престолот на сатаната, и дека го држиш името Мое, и дека не се одрече од верата Моја дури и во деновите кога Мојот верен сведок Антипа беше убиен меѓу вас, во чија средина живее сатаната.

14 Но за неколку работи сум против тебе, зашто имаш таму некои што го држат учењето на Валаам, кој го учеше Валака да ги наведе на грев синовите Израилеви, та да јадат жртви идолски и да блудствуваат.

15 А имаш и некои што го држат уче­њето на николаитите, кое го мразам.

16 Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот на устата Своја.

17 Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној што по­бе­дува ќе му дадам да јаде од сокриената мана и ќе му дадам бело камче и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива!

Порака до црквата во Тиатир

18 И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: ова го вели Синот Божји, Чии очи се како огнен пламен, а нозете слични на усвитена бронза:

19 ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и служењето, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите.

20 Но за ова сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себе се нарекува пророчица, да ги учи и ма­ми слугите Мои да блудствуваат и да ја­дат идолски жртви.

21 А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја.

22 Ете, неа ја фрлам на постела, и оние што блудствуваа со неа, во маки големи – ако не се покаат за делата свои.

23 И чедата нејзини ќе ги казнам со смрт, и сите цркви ќе дознаат дека Јас сум Оној Кој ги истражува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови.

24 А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги запознаа таканаречените ‚длабочини сатански‘, ви велам: нема да ви наложам друго бреме.

25 Но држете го само она што го има­те, додека не дојдам.

26 И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците,

27 и ќе ги пасе со железен жезол; и тие ќе се строшат како земјени садови.

28 Како што и Јас примив власт од Својот Отец, нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница.

29 Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22