Откровение 14 MK2006D

Јагнето и Неговиот народ

1 Потоа видов: ете, Јагнето стои на гората Сион, и со Него сто четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец.

2 И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на харфисти што свират на харфите свои

3 и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и старешините; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто чети­ри­есет и четири илјади, кои беа откупени од земјата.

4 Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето,

5 и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Бож­ји.

Најавување на Божјиот Суд

6 И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ.

7 Тој зборуваше со висок глас: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Не­го­виот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“

8 И друг ангел се појави по него, ве­лејќи: „Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!“

9 И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја,

10 тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде ма­чен со оган и сулфур пред светите ан­гели и пред Јагнето.

11 Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!“

12 Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус.

13 Чув глас од небото како да ми вели: „Напиши – блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, зашто делата нивни ги следат!“

Жетвата на земјата

14 И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката – остар срп.

15 И друг ангел излезе од храмот и из­вика со силен глас на Оној што седеше на облакот: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: бидејќи житото на земјата е зрело!“

16 И Оној што седеше на облакот го фрли српот свој на земјата и земјата бе­ше пожнеана.

17 И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп.

18 И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној што имаше остар срп, велејќи: „Фрли го српот свој и обе­ри го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!“

19 И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев,

20 и се изгмечи кацата надвор од гра­дот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22