1 Потоа дојде еден од седумте ангели, што ги имаа седумте чаши, и зборуваше со мене, велејќи ми: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница која седи над многу води;
2 со неа блудствуваа земните цареви, и со виното на нејзиното блудство се опија жителите на земјата!“
3 И ме одведе со духот во пустина: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови.
4 А жената беше облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, со драгоцени камења и бисери. Во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино.
5 А на челото ѝ беше напишано името: „Тајна, великиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.“