5 Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение.
6 Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години.
7 А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој,
8 и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок.
9 Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта.
10 А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови.
11 И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде.