8 А на плашливците и неверниците, на поганите и убијците, на блудниците и маѓесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур, тоа е втората смрт.“
9 Тогаш дојде кај мене еден од седумте ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни казни, ми прозборе и рече: „Дојди, ќе ти ја покажам невестата – жената на Јагнето.“
10 Па ме одведе преку Духот во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога,
11 и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најскапоцен камен, како светол камен јаспис;
12 тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ангели и напишани имињата на дванаесетте колена на синовите Израилеви:
13 спроти исток – три порти, спроти север – три порти, спроти југ – три порти, спроти запад – три порти.
14 Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Јагнето.