1 А кога Исус заврши заповедувајќи им на Своите дванаесет ученици, замина оттаму да поучува и да проповеда во нивните градови.
2 Кога Јован чу во темницата, за делата на Христос, испрати двајца од своите ученици,
3 и Му рече: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да очекуваме друг?”
4 Исус им одговори и рече: „Одете и јавете му на Јована што слушате и што гледате:
5 слепите прогледуваат и хромите одат, лепрозните се очистуваат и глувите слушаат, мртви воскреснуваат и бедните го примаат Евангелието;
6 и блажен е оној, кој не се соблазнува заради Мене.”
7 Кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли што ветерот ја лулее?
8 Но што излеговте да видите? Човек ли облечен во меки облеки? Ете, тие кои носат меки облеки се во царските дворци.
9 Туку зошто излеговте? Да видите ли пророк? Да, ви велам, и повеќе од пророк.
10 Овој е оној, за кого е пишано: ‘Еве, го испраќам Мојот вестител пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.’
11 Вистина ви велам, меѓу родените од жени не се подигнал поголем од Јована Крстител; но, најмалиот во царството небесно е поголем од него.
12 А од дните на Јована Крстител досега царството небесно трпи насилство и насилниците го земаат насила;
13 зашто сите пророци и Законот пророкуваа до Јована;
14 и ако сакате да примите, тој е Илија, кој треба да дојде.
15 Кој има уши нека слуша!”
16 ”А со што да го споредам овој род? Личи на децата, кои седат по трговиштата и им викаат на другарите,
17 велејќи: ‘Ви свиревме на свирол и не игравте, ви пеевме жални песни и не жалевте.’
18 Зашто дојде Јован, кој ниту јаде, ниту пие, а тие велат: „Има демон!”
19 Дојде Синот Човечки, кој јаде и пие, па велат: „Еве, човек лаком и пијаница, пријател на цариници и на грешници! „И мудроста се оправда преку нејзините дела.”
20 Тогаш почна да ги укорува градовите, во кои се случија најмногу Негови чуда, зашто не се покајаа.
21 ”Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон се случија чудата, што се случија при вас, одамна би се покајале во вреќиште и пепел.
22 Но, ви велам: полесно ќе им биде на Тир и Сидон во судниот ден, отколку вам.
23 И ти, Капернауме, до небото ли ќе се воздигнеш? Ќе слезеш до пеколот. Зашто ако во Содом се случеа чудата, што се случија во тебе, ќе останеше до денешен ден.
24 Но ви велам, на земјата Содомска ќе и биде полесно на судниот ден, отколку тебе.”
25 Во тоа време, Исус одговори и рече: „Те фалам, Татко, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си го открил на младенците.
26 Да, Татко, зашто така беше угодно пред Тебе.
27 Сè Ми е предадено од Мојот Татко, и никој не Го познава Синот, освен Таткото; ниту некој Го познава Таткото, освен Синот, и оној кому Синот сака да му открие.”
28 ”Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор.
29 Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души;
30 зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно.”