1 А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим,
2 и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.”
3 Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него.
4 И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос.
5 А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така:
6 ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’
7 Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата,
8 и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.”
9 Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето.
10 И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост.
11 И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.
12 И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја.
13 А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.”
14 И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет;
15 и таму беше до Иродовата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.”
16 Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците.
17 Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече:
18 ”Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.”
19 А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет,
20 и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.”
21 И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева.
22 Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; туку предупреден од Бога во сон отиде во пределите Галилејски;
23 и откако дојде се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците дека ќе се нарече Назареец.