Матеј 21 MKB

1 И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати два ученика, велејќи:

2 ”Отидете во селото што е пред вас! Таму ќе најдете веднаш врзана ослица и осле со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги!

3 И ако некој ви рече нешто, речете му: ‘Потребни Му се на Господа’, и веднаш ќе ги пушти.

4 А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели:

5 ”Кажете и на Сионската Ќерка: Еве, твојот Цар доаѓа при тебе, кроток и јава на ослица и осле - младенче на ослица!”

6 Учениците отидоа и направија, како што им заповеда Исус.

7 Ги дотераа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Тој седна над нив.

8 Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот.

9 А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!”

10 И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?”

11 А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.”

12 И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби,

13 и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.”

14 И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува.

15 А кога првосвештениците и книжниците ги видоа чудесата што ги направи, и децата, кои викаа во Храмот: „Осана на Давидовиот Син!”, се налутија

16 и Му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат овие?” А Исус им рече: „Да, зар не сте читале никогаш: ‘Од устата на децата и доилчињата, Си приготви пофалба?’”

17 И ги остави и излезе од градот во Витанија и преноќева таму.

18 А кога утредента се враќаше во градот, огладне.

19 И виде смоква покрај патот и отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и и рече: „Отсега да нема плод од тебе довека!” И смоквата се исуши веднаш.

20 И кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: „Како се исуши смоквата веднаш?”

21 Исус одговори и рече: „Вистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе направите не само тоа, што и се случи на смоквата, туку ако и речете на оваа гора: ‘Дигни се оттука и фрли се во морето!’ ќе биде;

22 и сè што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете.”

23 И кога Исус дојде во Храмот, Му пристапија - додека поучуваше - првосвештениците и народните старешини, велејќи: „Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?”

24 А Исус им рече во одговор: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми Го кажете тоа, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова.

25 Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?” А тие размислуваа во себе, велејќи:” Ако речеме ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто не му поверувавте тогаш?’

26 А ако речеме: ‘од луѓето’, се боиме од народот, зашто сите го сметаат Јована за пророк.”

27 И Му одговорија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!” Им рече и Тој: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова.”

28 ”Но, како ви се гледа? Еден човек имаше два сина, па дојде при првиот и му рече: ‘Синко, оди и работи денес во лозјето!’

29 Тој одговори и рече:

30 ’Нејќам!’ - но после се предомисли и отиде. Дојде при вториот и му рече исто така. А тој одговори и рече: ‘Одам, господаре’ и не отиде.

31 Кој од двајцата ја исполни татковата волја?” Рекоа: „Првиот!” Исус им рече: „Вистина ви велам, цариниците и блудниците ќе ве испреварат во Божјото Царство.

32 Зашто, Јован дојде при вас по патот на правдата и не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа. А вие видовте, но не се покајавте после, за да му поверувате.”

33 ”Чујте друга приказна! Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде.

34 А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови.

35 И земјоделците ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа.

36 Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто.

37 Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!”

38 Но земјоделците, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!”

39 И го фатија, го исфрлија надвор од лозјето и го убија.

40 Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие земјоделци?”

41 Му одговорија: „Овие злосторници тој бедно ќе ги уништи, а лозјето ќе им го даде под наем на други земјоделци, кои ќе му ги даваат плодовите во нивно време.”

42 Исус им рече: „Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: „Каменот што го отфрлија ѕидарите; тој стана крајаголен камен; од Господа е тоа и чудесно е во нашите очи.”

43 Затоа ви велам, дека ќе ви биде одземено Божјото Царство и ќе му биде дадено на народ, кој ќе ги донесува неговите плодови!

44 И кој ќе падне врз тој камен - ќе се разбие; а врз кого ќе падне тој - ќе го здроби.”

45 И кога првосвештениците и фарисеите ги чуја тие Негови параболи, разбраа дека зборува за нив.

46 И гледаа да Го фатат, но се боеја од народот, зашто Го сметаше за пророк.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28