Матеј 20 MKB

1 Зашто небесното царство прилега на човек домаќин, кој излезе рано наутро да наеме работници за своето лозје.

2 И кога се погоди со трудбениците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје.

3 И кога излезе пак околу третиот час виде други како стојат, на трговиштето, без работа,

4 и им рече: „Одете и вие во моето лозје, па ќе ви дадам што ќе биде право!”

5 И тие отидоа. А кога излезе пак околу шестиот и деветтиот час го направи истото.

6 А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: „Зошто стоите тука цел ден без работа?”

7 Му рекоа: „Никој не нè наеми.” Тој им рече: „Отидете и вие во моето лозје.”

8 А кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: „Повикај ги трудбениците и плати им, почнувајќи од последните па до првите!”

9 И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј.

10 Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј.

11 Штом го примија, негодуваа против домаќинот,

12 велејќи: „Последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.”

13 А тој му одговори на еден од нив и рече: „Пријателе, не ти правам неправда; зар не се погоди со мене за денариј?

14 Земи го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и тебе.

15 Или зар немам право да сторам со своето, што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?”

16 Така последните ќе бидат први, а првите - последни; зашто мнозина се повикани, а малкумина избрани.”

17 И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетмината насамо и им рече патем:

18 ”Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,

19 и ќе им Го предадат на многубошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.”

20 Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него.

21 А Тој и рече: „Што сакаш?” Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!”

22 А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.” Му рекоа: „Можеме.”

23 Им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не го давам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.”

24 И кога го чуја тоа десетмината, се налутија на двата брата.

25 А Исус ги повика и рече: „Знаете дека владетелите на народите господарат над нив и дека големците ги угнетуваат.

26 Нека не биде така меѓу вас! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга!

27 И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга;

28 како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.”

29 А кога излегуваа од Ерихон, големо множество тргна по Него.

30 И ете, двајца слепи, седејќи покрај патот, чуја дека Исус минува, и извикаа велејќи: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!”

31 А множеството им се закани да замолчат, а тие извикаа уште посилно: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!”

32 И Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да направам за вас?”

33 Му рекоа: „Господи, да ни се отворат очите!”

34 И Исус им се смили и им ги допре очите; и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28