1 А кога слезе од гората, големо мноштво Го следеше.
2 И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.”
3 Тогаш Исус ја испружи својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди очистен!” И веднаш се очисти неговата лепра.
4 И Исус му рече: „Гледај, никому да не му кажеш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот, што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.”
5 А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше, велејќи:
6 ”Господи, мојот слуга лежи фатен дома и многу се мачи.”
7 Исус му рече: „Јас ќе дојдам и ќе го исцелам.”
8 А стотникот во одговор му рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; туку кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен.
9 Зашто исто и јас сум подвластен човек, и имам војници под себе; му кажувам на едниот: ‘Оди!’ и тој оди; и на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и тој прави.
10 А кога Исус го чу тоа се зачуди и им рече на оние, кои Го следеа: „Вистина ви велам, во никого во Израел не најдов толкава вера.
11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе седнат со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно;
12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, каде ќе биде плач и чкртање на заби.”
13 И Исус му рече на стотникот: „Оди си, нека ти биде, како што си верувал.” И неговиот слуга оздраве во истиот час.
14 И кога Исус дојде во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска.
15 Ја допре раката нејзина, и треската ја остави, и таа стана и им служеше.
16 А кога настапи вечер, Му доведоа многу опфатени од демони. Тој со збор ги истера духовите и ги исцели сите болни.
17 За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите слабости и ги понесе нашите болести.”
18 А кога Исус виде големо мноштво околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна.
19 И пристапувајќи Му еден книжник Му рече: „Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш.”
20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небесни - гнезда, а Синот Човечки нема каде да ја положи главата.”
21 А друг од Неговите ученици Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам татка си.”
22 А Исус му рече: „Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци.”
23 И кога влезе во коработ, Неговите ученици Го следеа.
24 И ете, голема бура се подигна во морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше.
25 И Му пристапија учениците и Го разбудија, велејќи: „Господи, спаси нè! Загинуваме!”
26 И им рече: „Зошто се боите, маловерни?” Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и настана голема тишина.
27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Каков е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?”
28 И кога дојде на другата страна, во Гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, многу свирепи, така што никој не можеше да помине по оној пат.
29 И ете, извикаа, велејќи: „Што имаш со нас Ти, Исусе Сине Божји! Дали дојде ваму, за да нè измачуваш пред време?”
30 А далеку од нив пасеше големо стадо свињи.
31 А демоните Го молеа, велејќи: „Ако нè изгониш, позволи ни да отидеме во свињите.”
32 И им рече: „Отидете!” А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целото стадо се стрча низ карпата во морето, и загина во водите.
33 А свињарите побегнаа, и штом дојдоа во градот, известија за сè, и за она што им се случи на опседнатите.
34 И ете, целиот град Му излезе во пресрет на Исуса, и кога Го видоа Го замолија да си отиде од нивниот крај.