1 И по шест дни Исус ги зеде со Себе: Петра, и Јакова и брата му Јована, и ги изведе на висока гора насамо.
2 И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината.
3 И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него.
4 А Петар одговори и Му рече на Исуса: „Господи, добро е за нас да сме тука; ако сакаш ќе направиме тука три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеја и еден за Илија.”
5 Додека уште зборуваше тој, ете, ги засени светол облак, и ете, глас од облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!”
6 И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија.
7 А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: „Станете и не бојте се!”
8 И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот.
9 И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.”
10 И Неговите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?”
11 А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сè.
12 Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.”
13 Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јована Крстител.
14 И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече:
15 ”Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата.
16 И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.”
17 И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.”
18 И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час.
19 Тогаш учениците дојдоа при Исуса насамо и рекоа: „Зошто не можевме ние да го изгониме?”
20 А Тој им рече: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму!’, и ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно.
21 А овој род не излегува освен преку молитва и постење.”
22 И додека беа заедно во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,
23 и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе биде воскреснат.” И тие многу се нажалија.
24 А кога дојдоа во Капернаум, собирачите на двете драхми, храмовиот данок, му пристапија на Петра и рекоа: „Зарем вашиот Учител не плаќа две драхми?”
25 Тој рече: „Да.” И кога влезе во куќата Исус го испревари, велејќи: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓинците?”
26 А Петар Му рече: „Од туѓинците,” Исус му рече: „Значи, синовите се слободни.”
27 Но за да не ги соблазниме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе излезе, и кога ќе и ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за тебе.”