1 Во она време четворовласникот Ирод го чу гласот за Исуса;
2 и им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал од мртвите, и затоа силните дела дејствуваат во Него.”
3 Зашто Ирод го фати Јована, го врза и го стави во затвор, заради Иродијада, жената на брата си Филипа;
4 бидејќи Јован му велеше: „Не ти е дозволено да ја имаш.”
5 И сакајќи да го убие, се боеше од народот, зашто го држеше за пророк.
6 А кога се празнуваше Иродовиот роденден, Иродијадината ќерка играше среде и му угоди на Ирода,
7 затоа, тој со клетва и вети да и даде, што и да му побара.
8 А таа, наговорена од својата мајка, рече: „Дај ми ја тука на послужавник главата на Јован Крстител.”
9 И царот се ожалости, но заради клетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат,
10 и испрати, па го обезглавија Јована во затворот.
11 И неговата глава беше донесена на послужавник и дадена на девојката, а таа ја однесе на мајка си.
12 И неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, и отидоа и Му јавија на Исуса.
13 А кога го чу тоа Исус, се повлече оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но мноштвата чуја и Го следеа пеш од градовите.
14 И кога излезе виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни.
15 А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.”
16 Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!”
17 А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.”
18 А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.”
19 И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата.
20 И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни.
21 А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата.
22 И веднаш ги натера Исус учениците Свои да влезат во кораб и да отидат пред Него на другата страна, додека да го распушти народот.
23 И штом го распушти народот, се искачи на гората, за да се моли насамо. А кога се свечери, беше Сам таму.
24 А коработ веќе беше многу стадии далеку од брегот, измачуван од брановите, зашто ветерот беше спротивен.
25 А во четвртата ноќна стража дојде при нив, одејќи по морето.
26 Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: „Тоа е привидение!” и извикаа од страв.
27 А Исус веднаш им проговори и рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се.”
28 А Петар Му одговори и рече: „Господи, ако си Ти, нареди ми да дојдам при Тебе по водата.”
29 Тој пак рече: „Дојди!” И Петар слезе од коработ и одеше по водата да дојде при Исуса.
30 Но кога го виде силниот ветер, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: „Господи, спаси ме!”
31 А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: „Маловерен, зошто се посомнева?”
32 И кога влегоа во коработ, ветрот престана.
33 А оние, кои беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: „Навистина Ти си Божји Син.”
34 И кога преминаа, дојдоа во Генисаретската земја.
35 И кога Го познаа луѓето од тоа место, испратија по целата онаа околија и Му ги донесоа сите кои беа болни,
36 и Го молеа да се допрат само до ресите на Неговата облека; и колку и да се допреа, сите се исцелуваа.