Матеј 15 MKB

1 Тогаш фарисеите и книжниците, од Ерусалим, Му пристапија на Исуса и рекоа:

2 ”Зошто Твоите ученици го престапуваат преданието на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете, кога јадат леб.”

3 А Тој во одговор им рече: „Зошто и вие ја престапувате Божјата заповед, заради вашето предание?

4 Зашто Бог рекол: ‘Почитувај ги татка си и мајка си,’ и ‘Кој го злоречува татка си или мајка си, со смрт нека умре;’

5 а вие велите: кој ќе му рече на татка си, или на мајка си: ‘Она со што би можел да се ползуваш од мене, Му е подарено на Бога,

6 тој не треба да дава на татка си или мајка си;’ и така го укинавте Божјиот збор заради вашето предание.

7 Лицемери! Добро Исаија пророкуваше за вас, велејќи:

8 ’Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене.

9 Но напразно Ми се поклонуваат, учејќи науки, што се човечки заповеди.’”

10 И го повика мноштвото и им рече: „Слушајте и разберете!

11 Не она, што влегува во устата го онечистува човекот, туку она што излегува од устата, тоа го онечистува човекот.”

12 Тогаш учениците Му се приближија и рекоа: „Знаеш ли, дека фарисеите се соблазнија кога го чуја тој збор?”

13 А Тој одговори и рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот небесен Татко, ќе биде откорната.

14 Оставете ги. Тие се слепи водачи на слепите; а ако слепец води слепец, обата ќе паднат во јама.”

15 А Петар одговори и Му рече: „Објасни ни ја параболава.”

16 А Исус им рече: „И вие ли сте уште без разбирање?

17 Не разбирате ли дека сè што влегува во устата оди во стомакот и се исфрла надвор?

18 А она, што излегува од устата, произлегува од срцето, и тоа го онечистува човекот.

19 Зашто од срцето произлегуваат: зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули.

20 Тие се нештата кои го онечистуваат човекот. А јадењето со неизмиени раце не го онечистува човекот.”

21 И откако излезе оттаму, Исус се повлече во краевите на Тир и Сидон.

22 И ете, жена Хананејка, излезе од оние краишта и извика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е лошо опседната од демон.”

23 Но Тој не и одговори ни збор. И приближувајќи Му се, Неговите ученици Го молеа, велејќи: „Отпушти ја, зашто вика по нас.”

24 Но Тој одговори и рече: „Јас не Сум испратен, освен при загубените овци на домот Израелев.”

25 Таа дојде пак и Му се поклонуваше, велејќи: „Господи, помогни ми!”

26 А Тој, одговарајќи и рече: „Не е добро да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кучињата.”

27 Но Таа рече: „Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.”

28 Тогаш Исус и одговори и и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по твојата желба. И нејзината ќерка беше исцелена од оној час.

29 И откако замина оттаму, Исус дојде покрај морето Галилејско, се искачи на гората и седна таму.

30 И дојдоа при Него големи мноштва, кои имаа со себе: хроми, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред Исусовите нозе, и Тој ги исцели,

31 така што мноштвата се восхитуваа како гледаа немите да зборуваат, сакатите здрави, хромите да одат и слепите да гледаат; и Го прославуваа Бога Израелев.

32 А Исус ги повика Своите ученици при Себе, и рече: „Исполнет Сум со сожалување кон мноштвото, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги распуштам гладни, за да не премалеат по патот.”

33 И учениците Негови Му рекоа: „Откаде ни во пустината толку леб, за да наситиме толку големо мноштво?”

34 И Исус им рече: „Колку лебови имате?” Тие рекоа: „Седум и неколку рипчиња.”

35 И му заповеда на мноштвото да поседне по земјата;

36 ги зеде седумте лебови и рибите, благодари и ги раскрши; и им даде на учениците, а учениците на мноштвото.

37 И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, седум кошеви полни.

38 А оние, кои јадеа, беа четири илјади мажи, освен жените и децата

39 И штом ги распушти мноштвата, влезе во коработ, и дојде во пределите на Магдала.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28