1 И фарисеите и садукеите дојдоа, и искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото.
2 Но Тој одговори и им рече: „Кога се свечерува, велите: ‘Ќе биде ведро, зашто небото е црвено;’
3 а наутро: ‘Денес ќе има бура, зашто небото е црвено и замрачено. ’Лицемери, знаете навистина да го просудувате лицето на небото, а знаците на времињата не можете!
4 Лукаво и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му биде даден знак, освен знакот на Јона пророкот.” И ги остави и си отиде.
5 И Неговите ученици преминаа на другата страна и заборавија да земат леб.
6 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!”
7 И тие расправаа помеѓу себе, велејќи: „Тоа е што не зедовме леб.”
8 А Исус знаејќи го тоа им рече: „Маловерни, зошто расправате помеѓу себе, дека не зедовте леб?
9 Уште ли не разбирате и не помните за петте лебови на пет илјади и колку кошеви подигнавте?
10 Ни за седумте лебови на четири илјади и колку кошеви подигнавте?
11 Како не разбирате, дека не заради леб ви реков да се чувате од фарисејскиот и садукејскиот квас?”
12 Тогаш разбраа дека не им рече да се чуваат од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.
13 А кога Исус дојде во околината на Кесарија Филипова, ги праша Своите ученици и рече: „Што велат луѓето, Кој е Синот Човечки?”
14 А тие рекоа: „Едни велат дека е Јован Крстител; други Илија, а други пак Еремија или еден од пророците.”
15 Тој им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?”
16 Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Син на живиот Бог.”
17 Исус одговори и му рече: „Блажен си, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Татко, Кој е во небесата.
18 И Јас ти велам, дека ти си Петар, и на тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква, и портите на пеколот нема да надвладеат наспроти неа.
19 И ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно, и што и да сврзеш на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзеш на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.”
20 Тогаш им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, дека Тој е Исус Христос.
21 Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици, дека беше потребно за Него да замине за Ерусалим и да пострада многу од старешините, главните свештеници и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
22 А Петар Го зеде настрана и почна да Го кори, велејќи: „Бог да е милостив кон Тебе, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!”
23 А Тој се сврте и му рече на Петра: „Бегај зад Мене, сатано! Ти си Ми пречка, зашто мислиш не за она, што е Божјо, туку за она, што е човечко.
24 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи.
25 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.
26 Зашто, каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа и напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа?
27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде награда на секого според неговите дела.
28 Вистина ви велам: дека меѓу оние, кои стојат тука, има некои, кои никако нема да ја вкусат смртта додека Го видат Синот Човечки да доаѓа во Своето царство.”