1 Кога Исус излезе од Храмот, одеше натаму; Неговите ученици Му се приближија за да Му ги покажат зградите на Храмот.
2 А Тој им одговори: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, што не ќе биде урнат.”
3 Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?”
4 И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој;
5 зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,” и ќе заблудат мнозина.
6 А ќе чуете за војни и гласови за војни. Пазете да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но уште не е крај.
7 Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и ќе има глад, и помор, и земјотреси на разни места.
8 Но сè тоа е само почеток на страдањата.
9 Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име.
10 Тогаш мнозина ќе се соблазнат; и едниот ќе го предава другиот; и едниот ќе го мрази другиот;
11 и ќе се јават многу лажни пророци и ќе заблудат мнозина.
12 И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина.
13 А кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен.
14 И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот.”
15 ”И така, кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето - за која зборува пророкот Даниел - како стои на свето место; кој чита - нека разбере! -
16 Тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите;
17 а кој ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа;
18 и кој ќе биде во полето, нека не се враќа за да ја земе наметката!
19 Горко им на бремените и на доилките во тие денови!
20 Молете се вашето бегство да не биде во зима или во сабота,
21 зашто тогаш ќе биде голема мака, каква не била од создавањето на светот досега, ниту ќе биде.
22 И ако не би се скратиле тие дни, не би се спасило ниедно тело. Но заради избраните ќе бидат скратени тие дни.”
23 ”Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте,
24 зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните.
25 Ете, ви реков однапред!
26 И така, ако ви речат: ‘Ене Го во пустината!’- не излегувајте! ‘Ене Го во една од внатрешните соби!’- не верувајте.
27 Зашто, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.
28 Каде ќе биде трупот, таму орлите ќе се собираат!”
29 ”Веднаш по тагата на тие денови, сонцето ќе потемни; месечината нема да ја дава својата светлина; и ѕвездите ќе паѓаат од небото, и небесните сили ќе се расклатат.
30 И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава.
31 И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.”
32 ”А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу.
33 Така и вие, кога ќе го видите сè тоа, знајте дека е близу - пред вратата!
34 Вистина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сè тоа.
35 Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.”
36 ”А за оној ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко.
37 Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот Син.
38 Зашто, како во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа, до денот кога Ное влезе во ковчегот,
39 и не знаеја додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.
40 Тогаш двајца ќе бидат на полето, еден ќе биде однесен, а другиот оставен.
41 Две жени ќе мелат на мелница; едната ќе биде однесена, а другата оставена.
42 Затоа, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ!
43 А знајте го ова: ако домаќинот би знаел во која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се поткопа куќата.
44 Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, кога не мислите.”
45 И така, кој е оној верен и благоразумен слуга, кого господарот го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме?
46 Блажен е оној слуга, кого неговиот господар - кога ќе дојде - ќе го најде да прави така.
47 Вистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот.
48 Ако пак оној зол слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар ќе се забави долго, ‘
49 па почне да ги бие своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците,
50 господарот на оној слуга ќе дојде во ден, кога не очекува, и во час, што не го знае,
51 па ќе го пресече и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе биде плач и чкртање со заби.”