1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот.
2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.
3 Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови!”
4 А Тој одговори и рече: „Напишано е: ‘Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога’.”
5 Тогаш ѓаволот го одведе во Светиот Град, Го постави на крилото на Храмот,
6 и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, и ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.’
7 Исус му рече: „Напишано е повторно: ‘Не искушувај Го Господа, твојот Бог’!”
8 Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава,
9 и Му рече: „Ќе Ти го дадам сè ова ако паднеш и ми се поклониш.”
10 Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и ќе Му служиш само Нему!’”
11 Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, ангели дојдоа и Му служеа.
12 А кога чу дека Јован е предаден, се повлече во Галилеја.
13 И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите Завулонови и Нефталимови,
14 за да се исполни она што го рече пророкот Исаија:
15 ”Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, од другата страна на Јордан, Галилеја на народите;
16 народот, кој седеше во темнина, виде голема Светлина, и на оние, кои седеа во пределот и сенката на смртта, на нив им изгреа Светлина.”
17 Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто царството небесно се приближи!”
18 А кога одеше покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа: Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, дека фрлаа мрежа во морето, зашто беа рибари,
19 па им рече: „Дојдете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!”
20 А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа.
21 И кога отиде оттаму, виде натаму други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во кораб со татка им Заведеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика.
22 И тие веднаш ги оставија коработ и татка си и Го следеа.
23 И Исус обиколуваше по цела Галилеја, учејќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството, и лекувајќи секаква болест и секаква немоќ меѓу народот.
24 И се разнесе глас за Него по цела Сирија; и ги доведуваа при Него сите болни, кои страдаа од разни болести и маки, опфатени од демони, месечари и фатени, и ги излечи.
25 И Го следеше големо мноштво од Галилеја и Десеттоградието, од Ерусалим и Јудеја, и отаде Јордан.