Матеј 19 MKB

1 А кога Исус ги заврши тие зборови, отиде од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан.

2 И големо множество тргна по Него, а Тој ги оздрави таму.

3 И фарисеите Му пристапија, Го искушуваа и рекоа: „Дали смее човек да ја остави својата жена по секаква причина?”

4 А Тој одговори и рече: „Зар не сте читале дека Оној, Кој ги создаде во почеток, ги создаде машко и женско,

5 и рече: ‘Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, и обата ќе бидат едно тело?’

6 Така што не се веќе двајца, туку едно тело. И така што Бог соединил, човекот да не разделува!”

7 И Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да и се даде разводно писмо на жената и да се остави?”

8 Им рече: „Заради вашето закоравено срце, Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така.

9 Туку ви велам: „Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељубодејство - и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба.”

10 Учениците Му рекоа: „Ако е тоа причината меѓу мажот и жената, подобро да не се жени.”

11 А Тој им рече: „Сите не можат да ги сфатат тие зборови, туку оние, на кои им е дадено.

12 Зашто има скопци, кои се родени така од мајчината утроба, и има скопци, кои се скопени од луѓе, и има скопци, кои самите се скопиле заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими!”

13 Тогаш доведоа дечиња при Него, за да ги положи рацете над нив и да се помоли; но учениците ги укорија.

14 А Исус рече: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.”

15 И ги положи рацете на нив, и си отиде оттаму.

16 И ете, еден Му пристапи и рече: „Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?”

17 А Тој му рече: „Зошто Ме прашуваш за добро? Еден е Добар! А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите!”

18 Му рече: „Кои?” А Исус рече: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно,

19 почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!”

20 Момчето Му рече: „Сето тоа сум го пазел од младост, уште што ми недостига?”

21 Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите, и ќе имаш благо на небото! Дојди и следи Ме!”

22 А кога момчето го чу тој збор, си отиде нажален, зашто имаше многу имоти.

23 А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат мачно ќе влезе во небесното царство!”

24 И пак ви велам: „Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото Царство.”

25 Кога учениците го чуја тоа се зачудија мошне и рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?”

26 Исус ги погледна и им рече: „На луѓето ова им е невозможно, но за Бога сè е возможно.”

27 Тогаш Петар одговори и Му рече: „Еве, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе; и така, ние што ќе имаме?”

28 А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие - кои тргнавте по Мене, во преродбата - кога Човечкиот Син ќе седне на престолот на Својата слава, и сами ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелеви племиња.

29 И секој, кој заради Моето име ќе остави: куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, ќе прими стократно и ќе наследи вечен живот.

30 Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28