Матеј 22 MKB

1 И Исус почна пак да им зборува и им рече во параболи, велејќи:

2 ”Небесното Царство приличи на цар, кој му направи свадба на сина си,

3 и ги испрати своите слуги да ги повикаат повиканите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат.

4 Пак испрати други слуги, велејќи: ‘Речете им на повиканите: Еве, го приготвив својот ручек, моите јунци и згоените се заклани, и сè е готово. Дојдете на свадба!’

5 А тие не се грижеа и си отидоа: еден на својот имот, а друг по своја трговија;

6 а другите ги фатија неговите слуги, ги навредија и ги убија.

7 А царот се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби оние убијци и им го изгоре градот.

8 Тогаш им рече на своите слуги: ‘Гозбата е готова! - но повиканите не беа достојни.

9 Затоа излезете на раскрсниците и колку ќе најдете, поканете ги на свадбата.’

10 И слугите излегоа на патиштата и ги доведоа сите, кои ги најдоа: лошите и добрите, и свадбата се наполни со гости.

11 А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек, кој не беше облечен во свадбена облека.

12 И му рече: ‘Пријателе, како влезе тука без свадбена руба?’ А тој молчеше.

13 Тогаш царот им рече на служителите: ‘Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и чкртање со забите!’

14 Зашто мнозина се повикани, но малку се избрани!”

15 Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор.

16 И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето.

17 И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?”

18 А Исус, го разбра нивното лукавство и рече:

19 ”Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!” Тие Му донесоа денариј.

20 И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?”

21 Му рекоа: „На царот!” Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!”

22 И штом го чуја тоа, се зачудија, па Го оставија, и си отидоа.”

23 Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:

24 ”Учителе, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’

25 А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си.

26 Така и вториот, и третиот, сè до седмиот;

27 а по сите умре и жената.

28 И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!”

29 А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила.

30 Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото.

31 А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели:

32 ”Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!”

33 И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука.

34 А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно,

35 и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го:

36 ”Учителе, која е големата заповед во Законот?”

37 А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!”

38 Тоа е најголемата и прва заповед;

39 а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!”

40 На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.”

41 А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша:

42 ”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.”

43 Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи:

44 ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’?

45 И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?”

46 И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28