1 Во тој час учениците дојдоа при Исуса и рекоа: „Тогаш, кој е поголем во царството небесно?”
2 И повика дете при Себе, го постави среде нив
3 и рече: „Вистина ви велам, ако не се обрнете и станете како деца, нема да влезете во царството небесно.
4 И затоа, кој ќе се понизи себеси како ова дете, тој е поголемиот во царството небесно.
5 И кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима.
6 А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина.
7 Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно соблазните ќе дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната!”
8 ”Ако твојата рака или твојата нога те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот фатен и хром, отколку имајќи две раце или две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган.
9 И ако те соблазнува твоето око, извади го и фрли го од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку имајќи две очи да бидеш фрлен во пеколот огнен.”
10 ”Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата.
11 Зашто Синот Човечки дојде да го спаси, она што е изгубено.
12 Како ви се гледа? Ако некој човек има сто овци, и едната од нив залута, нема ли да ги остави деведесет и деветте по планините, и да појде да ја бара залутаната?
13 И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека тој се радува за неа повеќе, отколку за деведесет и деветте, што не залутале.
14 Така, не е волјата на вашиот Татко, Кој е во небесата да загине едно од овие, маливе.”
15 ”Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него. Ако те послуша, си го придобил брата си.
16 Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор.
17 А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како народите и како цариникот.
18 Вистина ви велам, што и да сврзете на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзете на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.”
19 ”Пак, ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата околу било која работа каква и да посакат, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е во небесата.
20 Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.”
21 Тогаш Петар пристапи и Му рече: „Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? До седумпати ли?”
22 Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесетпати по седум.”
23 Затоа царството небесно е слично на некојси цар, кој сакал да ги среди сметките со своите слуги.
24 А кога почна да ги расчистува, при него беше доведен еден, кој му должеше десет илјади таланти.
25 И бидејќи немаше да ги врати, господарот заповеда да го продадат него, неговата жена и децата, и сè што имаше, за да се плати долгот.
26 Тогаш слугата падна и му се поклонуваше, велејќи: ‘Господаре, имај трпение кон мене и ќе ти исплатам сè.’
27 И поттикнат со сожалување, господарот на оној слуга, го пушти, и му го прости долгот.
28 Но штом слугата излезе, и најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто денарии, го фати, и го давеше, велејќи: ‘Исплати ми, тоа што ми должиш.’
29 Тогаш падна пред неговите нозе неговиот сослужител и го молеше, велејќи: ‘Имај трпение со мене, и ќе ти исплатам сè.’
30 Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека го исплати долгот.
31 А кога неговите сослужители видоа што се случи, мошне многу се нажалија, и дојдоа и му кажаа на својот господар сè што се случи.
32 Тогаш неговиот господар го повика и му рече: ‘Зол слуго! Ти го простив сиот оној долг, зашто ме молеше.
33 Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилив тебе?’
34 И неговиот господар се разгневи и им го предаде на мачителите, додека му исплати сè што му должеше.
35 Така и Мојот небесен Татко ќе ви направи вам, ако секој од вас не му ги прости од срце престапите на својот брат.”