33 Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.”
34 Сето ова Исус им го кажа на народот во параболи, и без парабола Тој не им говореше;
35 за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.”
36 Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.”
37 А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки.
38 Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот,
39 а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели.