Матеј 16:22-28 MKB

22 А Петар Го зеде настрана и почна да Го кори, велејќи: „Бог да е милостив кон Тебе, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!”

23 А Тој се сврте и му рече на Петра: „Бегај зад Мене, сатано! Ти си Ми пречка, зашто мислиш не за она, што е Божјо, туку за она, што е човечко.

24 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи.

25 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.

26 Зашто, каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа и напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа?

27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде награда на секого според неговите дела.

28 Вистина ви велам: дека меѓу оние, кои стојат тука, има некои, кои никако нема да ја вкусат смртта додека Го видат Синот Човечки да доаѓа во Своето царство.”