1 Во тој час учениците дојдоа при Исуса и рекоа: „Тогаш, кој е поголем во царството небесно?”
2 И повика дете при Себе, го постави среде нив
3 и рече: „Вистина ви велам, ако не се обрнете и станете како деца, нема да влезете во царството небесно.
4 И затоа, кој ќе се понизи себеси како ова дете, тој е поголемиот во царството небесно.
5 И кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима.
6 А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина.
7 Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно соблазните ќе дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната!”