31 Кој од двајцата ја исполни татковата волја?” Рекоа: „Првиот!” Исус им рече: „Вистина ви велам, цариниците и блудниците ќе ве испреварат во Божјото Царство.
32 Зашто, Јован дојде при вас по патот на правдата и не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа. А вие видовте, но не се покајавте после, за да му поверувате.”
33 ”Чујте друга приказна! Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде.
34 А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови.
35 И земјоделците ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа.
36 Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто.
37 Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!”