8 Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот.
9 А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!”
10 И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?”
11 А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.”
12 И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби,
13 и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.”
14 И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува.