36 Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.”
37 И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува.
38 Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!”
39 И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!”
40 И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час?
41 Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!”
42 Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.”