21 Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?” А тие рекоа: „Варава!”
22 Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?” Сите рекоа: „Да биде распнат!”
23 А тој рече: „Какво зло направил?” А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!”
24 А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!”
25 И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!”
26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат.
27 Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него.