Матеј 6:24-30 MKB

24 ”Никој не може да им служи на два господара; зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе му биде приврзан на едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите на Бога и на мамона.”

25 ”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката?

26 Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив?

27 Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот?

28 Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат;

29 а Јас ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив.

30 И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе вас, маловерни?