1 „Во тоа време Господ ми рече: ‘Изделкај две камени плочи како и поранешните па искачи се при Мене на планината; а направи и дрвен ковчег.
2 На плочите ќе ги напишам зборовите кои беа на првите плочи што ги скрши. А потоа положи ги во ковчегот.’
3 Направив ковчег од багремово дрво, изделкав две камени плочи какви што беа првите, па, со двете плочи во рацете, се искачив на планината.
4 И напиша Тој на тие плочи, како и порано, Десет заповеди, што Господ ви ги рече на планината, од среде огнот, на денот на собирот. Тогаш Господ ми ги даде мене.
5 Се свртив и слегов од гората. Ги положив плочите во ковчегот што го направив. И останаа таму, како што Господ ми нареди.
6 Од Вирот на Јакановите синови, Израелевите синови отидоа кон Мосер. Таму умре Арон и таму беше погребан. Место него свештеник стана неговиот син Елеазар.
7 Оттаму отидоа во Гадгад; од Гадгад во Јотват, во крај богат со потоци.
8 Во тоа време Господ го одвои Левиевото племе да го носи Ковчегот на Господовиот Завет; да стои пред Господа во Негова служба па да го благословува во Негово име, како што прави и денес.
9 Затоа Леви нема дел ни наследство со своите браќа: Господ е негово наследство, како што Господ, твојот Бог, и му рече.
10 На гората останав, како и првиот пат, четириесет денови и четириесет ноќи. И Господ ме послуша и тој пат; не сакаше да те уништи,
11 туку Господ ми рече: ‘Стани! Оди пред овој народ, за да влезат и за да ја завладеат земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам.’”
12 „И така, Израеле, што бара Господ, твојот Бог, од тебе? Само тоа да се боиш од Господа, својот Бог, да одиш по сите Негови патишта; да Го љубиш и да Му служиш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа;
13 да ги пазиш Господовите заповеди и Неговите закони што ти ги давам денес за твое добро.
14 Еве, на Господа, твојот Бог, Му припаѓаат небото, и небото над небесата, земјата, и сè што е на неа.
15 Ама на Господа само вашите татковци му омилеа, и после нив ве избра вас, нивните потомци, меѓу сите народи, како што е и денес.
16 Обрежете го своето срце; не го коравете веќе вратот!
17 Зашто Господ, вашиот Бог, е Бог над боговите, Господар над господарите, Бог голем, силен и страшен, Кој не е пристрасен и не се поткупува;
18 им дава правда на сиракот и на вдовицата; го љуби придојденикот, му дава храна и облека.
19 Љубете го и вие придојденикот, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја.
20 Бој се од Господа, својот Бог; служи Му Нему; прилепи се до Него; заколнувај се во Неговото име.
21 Тој е твоја слава, твојот Бог, Кој заради тебе направи големи и чудесни дела што ги видоа твоите очи.
22 Твоите татковци, кога се спуштија во Египет, беа само седумдесет, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен па ве има како ѕвезди на небото.”