1 „Кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите чија земја ти ја дава тебе, па кога ги истераш и се населиш во нивните градови и домови,
2 во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, оддели три града.
3 Направи пат натаму, а тогаш подрачјето на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, подели го на три, така да може секој убиец да пребега таму.
4 Ова е случај во кој убиецот може да пребега таму и да го спаси својот живот: кога некој го убие својот ближен неволно, а да не го мразел пред тоа;
5 пример: кога ќе отиде со својот ближен во гората да сече дрва, па замавне со секирата во раката за да го кутне дрвото, железото летнува од дршката и го погаѓа неговиот другар, па тој загинува: таквиот убиец нека пребега во еден од тие градови, и ќе го спаси животот.
6 Инаку крвниот одмаздник, гонејќи го во својот бес убиецот кога патот би бил предолг - би можел да го стигне гонетиот и да го погуби, иако тој не заслужил смрт, бидејќи не го мразеше отпорано убиениот.
7 Затоа ти наредувам оддвои три града!
8 А кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што им се заколна на твоите татковци, и ти ја даде целата земја која им ја вети на твоите татковци,
9 и ако ги пазиш и вршиш сите овие заповеди што ти ги заповедав денес, и Го љубиш Господа, својот Бог, и одиш по Неговите патишта за сето време - тогаш кон овие градови додај уште три града:
10 така не ќе се пролева невина крв во твојата земја која ти ја дава Господ во наследство, и не ќе се извалкаш со крв.”
11 „Но ако некој го мрази својот ближен и го дебне, скокне на него и го убие, а потоа избега во еден од тие градови,
12 тогаш старешините на оној град нека го изведат убиецот и нека го предадат во рацете на крвниот одмаздник за да го погуби.
13 Твоето око нека не го сожалува! Така, во Израел, ќе го искорениш пролевањето на невина крв, и ќе бидеш среќен.”
14 „Не го преместувај соседовиот меѓник, со кој старите го разграничија твојот недвижен имот, што ќе го наследиш во земјата која ќе ти ја даде Господ, твојот Бог, во наследство.”
15 „Нека не станува еден единствен сведок против човек, ниту за каква вина и ниту за каков злостор. Каков и да е прекршокот, пресудата нека почива врз изјавата на двајца или тројца сведоци.
16 Ако некој лажен сведок стане против некого обвинувајќи го за буна,
17 тогаш двата кои се спорат нека стапат пред Господа, пред свештеникот и пред судиите кои ќе ја вршат службата во тоа време.
18 Судиите нека спроведат основна истрага. Ако се покаже дека сведокот е лажен и дека сведочел лажно против брата си,
19 направете му онака како што тој му намислил на својот брат. Откорнете го злото од својата средина!
20 Другите, кога ќе чујат за тоа, ќе се исплашат, па веќе не ќе прават такво зло во твојата средина.
21 Нека не ти се сожалува окото! Живот за живот; око за око; заб за заб; рака за рака; нога за нога.”