1 „Ако тргнеш во војна против своите непријатели па видиш коњи, коли и народ поброен од себе, не бој се од нив! Та со тебе е Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја.
2 Пред бојот свештеникот нека истапи и нека му зборува на народот.
3 Нека им каже: ‘Чуј, Израеле! Денес тргнувате во бој против своите непријатели. Нека не ви премалува срцето! Не плашете се! Не бојте се! Не треперете пред нив!
4 Па Господ, вашиот Бог, иде со вас за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.’
5 Потоа надгледувачите нека му проговорат на народот: ‘Има ли некој што изградил нова куќа а не се вселил во неа? Нека се врати во својата куќа, за да не загине во бојот па да се всели некој друг во неа.
6 Има ли некој што посадил лозје а уште не го брал? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му го обере друг родот.
7 Има ли некој што се свршил а не се оженил? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му ја одведе некој друг свршеницата.’
8 Воените началници нека продолжат и нека му речат на народот: ‘Кој се бои и кому срцето му е обесхрабрено, нека се врати во својот дом, за да не им се обесхрабрува срцето на неговите браќа како нему.’
9 Кога надгледувачите ќе го завршат говорот на народот, воените заповедници нека застанат на чело на народот.”
10 „Кога ќе дојдеш под некој град за да се нафрлиш врз него, најнапред понуди му мир.
11 Ако ти одговори со мир и ти ги отвори своите врати, сиот народ што ќе го најдеш во него претвори го во поданик, нека работи за тебе.
12 Но ако го одбие твојот мир и завојува против тебе, опсади го.
13 Кога Господ, твојот Бог, ти го предаде во рацете, погуби ги со остар меч сите негови машки!
14 А жените, децата, добитокот, сè што ќе биде во градот - сиот плен - земи ги за себе, и уживај го пленот од своите непријатели, што ти го дава Господ, твојот Бог.
15 Така постапувај со сите градови, кои се многу далеку од тебе, кои не се од градовите на овие народи оттука.
16 Во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти ги предава во наследство не оставај ништо во живот,
17 туку удри ги со клето уништување: Хетејците и Аморејците, Ханаанците и Ферезејците, Евејците и Евусејците, како што Господ, твојот Бог, ти нареди:
18 за да не ве научат да ги правите сите оние одвратности што им ги прават на своите богови, па да не согрешите против Господа, својот Бог.
19 Кога ќе нападнеш некој град па треба да го опсадуваш долго за да го освоиш, не ги уништувај неговите дрва засечувајќи во нив со секирата. Можеш да им го јадеш плодот, а немој да ги сечеш. Зашто полските дрва не се луѓе за да можат да избегаат пред тебе во тврдината.
20 Единствено дрвата за кои знаеш дека не се овошки можеш да ги ништиш; нив можеш да ги сечеш и да правиш од нив справи за опсадување на градот што е во војна против тебе, додека не падне.”