Втзакон. (5 Moj.) 18 MKB

1 „Свештениците левити - целото Левиево племе - нека немаат дел во наследството со Израел; нека живеат од жртвите палени на Господа и од Неговото наследство.

2 И така, нека немаат наследство меѓу своите браќа: Господ е нивно наследство, како што и им рече.

3 Ова нека биде свештеничка награда од народот - од оние што принесуваат жртва, било тоа да се говеда или овци, на свештеникот треба да му се дадат плешките, вилиците и желудникот.

4 Давај му и првина од своето жито, од своето вино, од своето масло и првината од волната на своите овци,

5 зашто него го избра Господ, твојот Бог, од сите твои племиња; него и неговите синови, за да стојат засекогаш пред Господа, твојот Бог, па да обавуваат служба и да благословуваат во името на Господа.

6 Ако некој левит, кој престојува во некој твој град, каде и да е во Израел, посака со сета своја душа да дојде во местото што го избра Господ,

7 може да служи таму во името на Господа, својот Бог, како и другите негови браќа, левити, кои служат таму пред Господа.

8 Нека јаде еднаков дел како и другите, без обѕир на продадениот татков имот.”

9 „Кога ќе влезеш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, не приучувај се на одвратните гнасности на оние народи.

10 Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка; кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво;

11 никој кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците.

12 Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог.

13 Биди Му сосем верен на Господа, својот Бог.

14 Народите што наскоро ќе ги истераш ги слушаат вражалците и гаталците, но Господ, твојот Бог, не ти го дозволува тоа тебе.”

15 „Господ, твојот Бог, ќе ти издигне од твојата средина, од твоите браќа, Пророк, каков што сум јас: слушајте Го Него!

16 Сосем онака како што и молеше од Господа, својот Бог, на Хорив, на денот на собирот, кога велеше: ‘Не сакам веќе да го слушам гласот на Господа, својот Бог, ниту сакам веќе да го гледам тој силен оган, за да не загинам!’

17 Господ ми рече на тоа: ‘Право рекоа.

18 Ќе им издигнам Пророк од среде нивните браќа, каков што си ти. Ќе ги положам своите зборови во неговата уста, за да им каже сè што ќе му заповедам.

19 А ако некој не ги послуша Моите зборови што ќе ги зборува Пророкот во Мое име, тој ќе одговара пред Мене.

20 А пророкот, кој би се осмелил да зборува нешто во Мое име, што Јас не сум заповедал да зборува, и кој би зборувал во името на други богови, таквиот пророк нека биде погубен.’

21 Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Како ќе го препознаеме словото што Господ не го изрекол?’

22 Кога пророкот зборува во името на Господа, па тоа не биде и словото не се исполни, тогаш тоа е зборот што Господ не го кажал. Тој пророк зборуваше во дрскост. Немој да се плашиш од него.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34