1 „Вие сте синови на Господа, својот Бог. Не правете си врз себе врезаници ниту потстрижувања на челото за покојникот.
2 Па ти си народ посветен на Господа, својот Бог; Господ те избра тебе меѓу сите народи на земјата за да бидеш Негов народ, Негова сопственост.
3 Не јадете ништо нечисто.
4 Ова се животните што можете да ги јадете: волот, овцата, козата,
5 еленот, срната, срнчето, козорогот, антилопата, биволот и дивата коза;
6 можете да го јадете секое животно што има раздвоени копита - сосем раздвоени надве - и што прежива.
7 Од преживарите или од животните со раздвоени копита само овие не смеете да ги јадете: камилата, зајакот и питомиот зајак. Имено, па иако преживаат немаат раздвоени копита, нека бидат нечисти за вас.
8 А свињата, иако има раздвоени копита, не прежива; нека биде нечиста за вас. Не јадете од нејзиното месо ниту допирајте ја нејзината мрша.
9 А од сè, што живее во водата ова можете да јадете: сè што има лушпи и перки, можете да јадете.
10 А што нема лушпи и перки не смеете да јадете. Тоа нека биде нечисто за вас.
11 Секоја чиста птица можете да ја јадете.
12 Ама овие не смеете да ги јадете: орелот-стрвник и јастребот,
13 дивата кокошка, соколот од кој и да е вид;
14 гавранот од било кој вид;
15 нојот, јастребот кокошкар, галебот ни крагујот од било кој вид;
16 бувот, утот и лебедот;
17 неситот, белиот стрвинар и нуркачот;
18 штркот, чапјата од било кој вид; пупунчето и лилјакот.
19 Сите крилести бубачки нека бидат нечисти за вас.
20 Сè крилесто чисто можете да јадете.
21 Не смеете да јадете ништо што ќе пцовиса. Дај му го тоа на придојденикот кој престојува во твоите градови нека јаде, или пак продај му го на туѓинецот. Зашто ти си народ посветен на Господа, својот Бог. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.”
22 „Одвојувај десеток од приходот секоја година сè што ќе роди твоето посеано поле.
23 А тогаш јади го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло и од првината на својот крупен и ситен добиток во присуство на Господа, својот Бог, на местото што Тој ќе го избере за да го настани таму Своето Име; за да се научиш така да се боиш секогаш од Господа, твојот Бог.
24 Ако ти биде патот предолг, па не можеш да го донесеш десетокот - зашто е премногу далеку од тебе местото што Господ го избра за да го настани во него Своето Име - тогаш, кога Господ, твојот Бог, ќе те благослови,
25 продај го тоа за сребреници, земи ги сребрениците во раката и оди во местото што го избра Господ, твојот Бог.
26 Тогаш купи за сребрениците што сакаш: говедо, ситно животинче, вино или опоен пијалак - што ќе ти посака душата. Таму во присуство на Господа, својот Бог, јади и весели се ти и твоите домашни.
27 Не го заборавај левитот, кој ќе биде во твоите градови, зашто тој нема дел ни наследство со тебе.
28 На крајот на секоја трета година изнеси го сиот десеток на својот приход од таа година и положи го при твојата врата.
29 Па нека дојде левитот - зашто нема дел ни наследство со тебе - придојденикот, сиракот и вдовицата, кои живеат во твојот град, и нека јадат и нека се наситат. Така ќе те благословува Господ, твојот Бог, во сите работи што ќе ги преземе твојата рака.”