1 „Ова се заповедите, законите и одредбите за кои Господ, вашиот Бог, ми заповеда да ве поучам во нив, за да ги вршите во земјата во која што одите да ја земете во сопственост
2 за да се боиш, во текот на целиот свој живот, од Господа, од својот Бог, ти, твојот син и синот на твојот син, вршејќи ги сите Негови закони и сите Негови заповеди што ти ги повелам, па да имаш долг живот.
3 Слушај, Израелу, пази ги и врши ги, за да ти биде добро и за да се размножиш во земјата во која течат мед и млеко, како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.”
4 „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!
5 Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила!
6 Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето.
7 Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш.
8 Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите!
9 Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати!
10 А кога Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата за која им се заколна на твоите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе ти ја даде тебе: - со големи и убави градови, што не ги ѕидаше;
11 со куќи полни со секакво благо, што не си ги полнил; со ископани кладенци, што не си ги копал; со лозја и со маслинови градини, што не си ги садел - и кога јадеш и ќе се наситиш:
12 внимавај да не Го заборавиш Господа, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството.
13 Бој се од Господа, од твојот Бог; искажувај Му Нему почитување; заколнувај се во Неговото име.
14 Не одете по други богови, од боговите на другите народи што се околу вас.
15 Зашто Господ, твојот Бог, што стои во твојата средина, е ревнив Бог; гневот на Господа, на твојот Бог, би пламнал против тебе и би те истребил од земјата.
16 Не искушувајте Го Господа, својот Бог, како што Го искушавте кај Маса.
17 Вршете ги точно заповедите на Господа, на својот Бог, Неговите упатства и Неговите закони, кои ги издаде.
18 Врши што е право и добро во очите на Господа, за да ти биде добро и за да влезеш во Добра Земја, за која Господ им се заколна на твоите татковци
19 дека ќе ги истера од неа сите твои непријатели пред тебе; така вети Господ.”
20 „А кога утре ќе те праша твојот син: ‘Што се тие упатства, закони и одредби што ви ги заповеда вам, Господ, нашиот Бог?
21 Кажи му на сина си: ‘Бевме фараонови робови во Египет, ама Господ нè изведе од Египет со силна рака.
22 Пред наши очи Господ направи големи и страшни знаци и чудеса против Египет, против фараонот и против целиот негов дом,
23 а и нас нè изведе оттаму за да нè доведе и за да ни ја даде земјата, која со заклетва им ја вети на нашите татковци.
24 И Господ ни нареди да ги исполнуваме сите овие наредби со стравопочитување кон Господа, кон својот Бог, за да бидеме секогаш среќни и за да живееме, како што е тоа денес.
25 И така, нашата праведност ќе биде: да ги пазиме и да ги вршиме сите овие заповеди пред Господа, нашиот Бог, како што ни нареди.’”