Втзакон. (5 Moj.) 11 MKB

1 „И така, љуби Го Господа, својот Бог, и врши ги во сите дни Неговите наредби, Неговите закони, одредби и заповеди.

2 Вие, а не вашите синови, кои не ги запознаа и не ги видоа поуките на Господа, вашиот Бог, денес се уверивте во Неговото величие, во Неговата силна рака, во испружената мишка,

3 за Неговите знаци и за делата што им ги направи, среде Египет, на фараонот, египетскиот цар, и на целата негова земја;

4 што им стори на египетската војска, на нивните коњи и на колите; како ги преплави со водите на Црвеното Море кога ве гонеа, и како ги сотре до денешниот ден;

5 што стори за вас во пустината додека не стигнавте до ова место;

6 што направи со Датан и Авирон, синовите на Елиав, Рувимовиот потомок, кога земјата ја отвори својата утроба па ги проголта среде целиот Израел нив и нивните семејства, нивните шатори и сè што имаа.

7 Вашите очи ги видоа сите тие големи дела што Господ ги направи.”

8 „Затоа пазете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да бидете силни па да ја земете во сопственост земјата во која одите да ја освоите;

9 најпосле, за да живеете долго во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство - земјата во која течат мед и млеко.

10 Зашто земјата во која одиш да ја земеш во сопственост не е како Египетската Земја од која излеговте, каде, откако ќе го посееше семето, требаше да го напојуваш со својата нога како што се напојува зеленчукова градина.

11 Земјата во која одите да ја земете во сопственост е земја на планини и долини, и ја натопува небескиот дожд;

12 земја над која бдее Господ, твојот Бог, на која очите на Господа, твојот Бог, почиваат постојано, од почетокот до свршетокот на годината.”

13 „‘Затоа, ако навистина ги послушате заповедите што ви ги давам денес, и ако Го љубите Господа, својот Бог, и ако Му служите со сето свое срце и со сета своја душа,

14 ќе и давам на вашата земја дожд во право време: наесен и напролет, и ќе можеш да ги собираш: своето жито, своето вино и своето масло;

15 ќе му давам трева на твоето поле за твојот добиток. Така ќе јадеш и ќе бидеш сит.’

16 Внимавајте да не биде заведено вашето срце, да не тргнете по грешен пат, да не им искажувате почитување на други богови и да не им се клањате.

17 Зашто тогаш Господ ќе пламне со гнев против вас: ќе ја затвори небесата; ќе нема дожд; земјата не ќе дава род, и вас ќе ве снема брзо од таа добра земја што Господ ви ја дава.”

18 „Вложете ги овие мои зборови во своето срце и во својата душа; врзете ги како знак на својата рака; нека ви бидат како запис меѓу очите!

19 Поучете ги на нив своите синови, изговорувајте ги кога седите во својата куќа и кога одите патем; кога легнувате и кога станувате.

20 Напишете ги на довратниците на својата куќа и на својата врата,

21 за да бидат вашите денови и деновите на вашите синови - во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде - бројни како деновите на небесата над земјата.

22 Ако ги држите верно сите овие заповеди кои ви ги наредувам, ако ги вршите и ако Го љубите Господа, својот Бог, ако одите по сите Негови патишта и ако се прилепите цврсто до Него,

23 Господ ќе ги протера од пред вас сите тие народи, и вие ќе завладеете помногубројни и посилни народи од себе.

24 Секое место на кое ќе стапне вашата нога ќе биде ваше; од пустината и од Ливан, од Реката, од реката Еуфрат, до Западното Море, ќе се тегне вашето подрачје.

25 Никој не ќе се одржи пред вас; Господ, вашиот Бог, ќе внесе страв и трепет по сета земја во која ќе стапите, како што ви рече.”

26 „Гледајте! Денес ви нудам благослов и проклетство:

27 благослов, ако ги слушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви ги давам денес;

28 а проклетство, ако не ги слушате заповедите на Господа, својот Бог, туку се отклоните од патот што ви го одредувам денес па тргнете по други богови, што не ги познавате.

29 Кога Господ, твојот Бог, те воведе во земјата во која одиш да ја земеш во сопственост, тогаш искажи благослов над гората Гаризим, а проклетство над гората Евал.

30 Тие гори се издигаат, како што знаете, отаде Јордан, зад патот кон запад, во земјата на Ханаанците, кои живеат во Араб, спроти Галгал, покрај Дабот Море.

31 Ете ќе преминете преку Јордан за да ја земете во сопственост земјата што ви ја дава Господ, вашиот Бог. Заземете ја и населете се во неа.

32 Но пазете ги и вршете ги сите закони и одредби што ви ги изложувам денес.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34