1 „Не жртвувај Му на Господа, својот Бог, ни вол ни овен што би имал на себе недостаток или некакво зло, зашто тоа е гадно пред Господа, твојот Бог.
2 Ако во твојата средина - во било кој твој град, што ти го дава Господ, твојот Бог - се најде човек или жена да направи тоа што е зло во очите на Господа, твојот Бог, и да го престапи Неговиот Завет:
3 па отиде да им служи на други богови и им се поклони ним, на сонцето, на месечината, или на што и да е од небеското воинство, а што сум го забранил јас,
4 и ти се јави тебе за тоа и ти го чу тоа, тогаш испитај внимателно; и ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во Израел,
5 тогаш тој човек, или таа жена, кои направија такво зло, изведи ги пред градската врата па каменувај ги за да загинат.
6 Осудените на смрт нека бидат погубени на изјава на двајца или тројца сведоци. На збор на еден сведок не смеат да бидат погубени.
7 Најнапред сведоците нека кренат рака на него за да го погубат, а потоа нека ја дигне целиот народ. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.”
8 „Ако ти биде нешто претешко да го пресудиш: убиство, судир за правата, некаква повреда или караница во твојот град, тогаш стани и тргни кон местото што ќе го избере Господ, твојот Бог.
9 Обрни им се на свештениците, на левитите и на судиите кои ќе бидат за тоа време. Прашај ги нив, тие ќе ти пресудат.
10 И направи онака како што ќе ти речат во местото што Господ го избра, и настојувај да направиш сè, што тие ќе те научат тебе.
11 Постапи според напатствието што ќе ти го дадат и според пресудата која ќе ја донесат. Не отстапувај ни десно ни лево од пресудата што ќе ти ја кажат.
12 Ако некој би се спротивил дрско и не би ги послушал ни свештеникот, кој стои таму за да Му служи на Господа, твојот Бог, ни судијата, тој човек нека биде погубен. Така ќе го откорнеш злото од Израел,
13 а сиот народ, кога ќе научи, ќе се бои и веќе нема да се противи дрско.”
14 „Кога ќе стигнеш во земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог, имено; кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа, па тогаш ќе речеш: ‘Сакам да поставам цар над себе, како што го имаат сите други народи околу мене’ -
15 тогаш ќе си го поставиш за цар оној, кого ќе го избере Господ, твојот Бог. Постави некого од своите браќа за цар над себеси, а не смееш да поставуваш над себеси туѓинец, кој не ти е брат.
16 Само нека не држи многу коњи, и нека не го праќа народот во Египет, за да го зголеми бројот на коњите. Зашто Господ ви рече: ‘По овој пат никогаш повеќе не се враќајте!’
17 И нека нема многу жени, за да не му тргне срцето по суета; и нека не натрупува за себе купови сребро ни злато!
18 А кога ќе седне на царскиот престол, нека го препише за себе на свиток овој Закон од свештениците левити.
19 Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби;
20 за да не се издигне со срцето над своите браќа и за да не сврти настрана од оваа заповед ни десно ни лево, за да би царувал долго, тој и неговите синови, во Израел.”