Втзакон. (5 Moj.) 12 MKB

1 „Овие се законите и одредбите што треба да ги пазите и да ги вршите во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во сопственост за сите денови што ќе ги живеете на земјата.

2 Срамнете ги со земјата сите места на кои народите, кои ќе ги изгоните, им искажуваа почитување на своите богови, без обѕир на тоа дали се наоѓаат на високите планини, на ритчињата или под некакво зелено дрво.

3 Урнете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, изгорете им ги ашерите, здробете ги киповите на нивните богови, затрете им ги имињата од оние места.

4 На Господа, својот Бог, не искажувајте Му онакво почитување.

5 Барајте Го Господа, својот Бог, единствено на местото што Тој Самиот го одбра, среде сите ваши племиња, за да го стави таму Своето име и за да престојува таму;

6 донесувајте ги таму своите паленици и своите закланици, своите десетоци и даровите на своите раце, своите заветни приноси и доброволните приноси и првородените од својот крупен и ситен добиток.

7 Јадете таму, вие и вашите семејства, пред Господа, својот Бог; веселете се со сè што вашите раце го спечалија и што Господ, вашиот Бог, ви го додели со благослов.

8 Не правете никако како што ние правиме тука денес - секој што нему му изгледа добро -

9 зашто уште не стигнавте во Почивалиштето, во наследството што ти го дава Господ, твојот Бог.

10 Но кога ќе преминете преку Јордан и се населите во земјата што Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство, кога ќе ве смири од сите непријатели кои ќе бидат околу вас, па ќе живеете без страв,

11 тогаш ќе донесувате сè што ви наредувам: своите паленици, своите закланици, своите десетоци, даровите на своите раце и сите свои избрани заветни приноси што ќе Му ги заветувате на Господа - на местото кое Господ, вашиот Бог, ќе го одбере за да го настани таму Своето име.

12 Веселете се тогаш пред Господа, својот Бог, вие, вашите синови и ќерки, вашите слуги и слугинки, и левитот кој ќе биде во вашите градови, зашто тој нема дел со вас ни наследство.

13 Внимавај да не ги принесуваш своите жртви паленици на било кое место што ќе го забележиш,

14 туку само на местото што ќе го одбере Господ, во едно од твоите племиња. Таму принесувај ги своите паленици и таму да извршуваш сè што ти наредувам.

15 Ама секојпат кога срцето ќе ти посака, можеш да заколеш и да јадеш месо во сите свои градови, според благословот што Господ, твојот Бог, ќе ти го дава. И нечистиот и чистиот може да го јаде, како да е од срна или од елен.

16 Ама крв не јади; излејте ја на земја како вода.

17 Во своите места на живеење не јадете го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло ни првородените од својот крупен или ситен добиток; ниту нешто од своите заветувани и од своите доброволни приноси, ни од приносите на своите раце,

18 туку тоа ќе го јадеш пред Господа, својот Бог, во местото кое Господ, твојот Бог, го избере, ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка и левитот кој ќе биде во твоите градови. Провеселете се пред Господа, својот Бог, со сè што твоите раце создале.

19 Внимавај никогаш да не го заборавиш левитот додека си во својата земја.

20 Кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што ти рече, и речеш: ‘Јас би јадел месо” - зашто сакаш да јадеш месо - можеш да го јадеш колку што ти сака душата.

21 Ако местото, што Господ, твојот Бог, го одбра за да го смести во него Своето Име, биде далеку од тебе, тогаш можеш да заколеш што и да било од својот крупен или ситен добиток што Господ ќе ти го даде - како што веќе ти наредив - па да јадеш во кое и да е твое место на живеење колку што ти сака душата.

22 Сепак јади го онака како што се јаде срна или елен: нека го јадат заедно чистите и нечистите.

23 Само внимавај да не јадеш крв! Па крвта е живот. Не смееш да го јадеш животот со месото.

24 Не јади ја; излеј ја на земјата како вода.

25 Не смееш да ја јадеш, за да ви биде добро и тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе го вршиш она што е право во Господовите очи.

26 Ама своите посветени приноси и своите заветни приноси земи ги и носи ги на местото што Господ ќе го избере.

27 Тука принеси ги своите паленици, месото и крвта, на жртвеникот на Господа, својот Бог. Ама крвта од своите закланици излеј ја врз жртвеникот на Господа, својот Бог, а месото изеди го.

28 Пази ги и врши ги сите овие наредби што ти ги пропишувам, за да ви биде добро засекогаш тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе правиш што е добро и праведно во очите на Господа, својот Бог.

29 А кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите против кои одиш да ги истераш од сопственоста пред себе, и кога ќе ги истераш па се населиш во нивната земја,

30 чувај се да не паднеш во стапица; не тргнувај по нив откако ќе бидат уништени пред тебе. Не распрашувај се за нивните богови и не зборувај: ‘Како што оние народи ги почитуваа своите богови, така ќе направам и јас.’

31 Не постапувај така кон Господа, својот Бог. Па на Господа Му е гнасно и замразено сè она што тие им правеа на своите богови. Зашто ги изгоруваа своите синови и ќерки во чест на своите богови.

32 Пазете сè што ви наредувам; не додавај му ништо на тоа и не одземај му ништо.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34