1 Потоа Мојсеј и израелските старешини му наложија на народот: „Вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес.
2 Во оној ден кога ќе преминете преку Јордан во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, подигни си големи камења, варосај ги со вар
3 и напиши ги врз нив сите зборови на овој Закон во мигот кога ќе влегуваш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, во земјата во која течат мед и млеко, како што им рече Господ Бог на твоите татковци.
4 И така, кога ќе поминеш преку Јордан, тогаш тоа камење, како што ти заповедам денес, подигни го на гората Евал, и варосај го со вар.
5 Таму изгради Му и жртвеник на Господа, својот Бог - жртвеник од камења, врз кои не си спуштил железо.
6 Жртвеникот на Господа, својот Бог, изгради го од неделкани камења. На него принесувај Му паленици на Господа, својот Бог.
7 Принесувај и помирителни жртви и јади ги таму, радувајќи се пред Господа, својот Бог.
8 Напиши ги на тие камења сите зборови на овој Закон: врежи ги добро.”
9 Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на сиот Израел: „Внимавај, Израеле, и слушај! Денес стана народ на Господа, својот Бог.
10 Затоа слушај го гласот на Господа, својот Бог, и извршувај ги Неговите заповеди и Неговите закони, што ти ги заповедам денес.”
11 Во оној ден Мојсеј му нареди на народот:
12 „Кога ќе поминете преку Јордан, овие племиња: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин, нека застанат на гората Гаризим за да го благословуваат народот.
13 А овие: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим нека застанат на гората Евал за да проколнуваат.
14 Тогаш левитите нека го преземат зборот и нека им речат со силен глас на сите Израелци:
15 ‘Проклет да биде кој ќе направи леан или делкан лик - гнасна работа пред Господа, дело на ракотворец, па иако го стави на скришно место.’ И сиот народ нека одговори: ‘Амин!’
16 ‘Проклет да биде, кој ги навредува татка си и мајка си!’ И сиот народ да рече: ‘Амин!’
17 ‘Проклет да биде кој ќе го помести меѓникот на соседот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
18 ‘Проклет да биде, кој ќе го заведе слепецот од патот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
19 ‘Проклет да биде, кој би им ја извртел правдата на придојденик сирачето или вдовицата!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
20 ‘Проклет да биде, кој ќе легне со жената на својот татко, зашто ја откри покривката на татака си!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
21 ‘Проклет да биде, кој ќе легне со какво и да е животно!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
22 ‘Проклет да биде, кој ќе легне со својата сестра, било да е таа ќерка на неговиот татко или ќерка на неговата мајка.’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
23 ‘Проклет да биде кој ќе легне со својата тешта!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
24 ‘Проклет да биде, кој ќе го убие потајно својот ближен!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
25 ‘Проклет да биде, кој ќе прими поткуп за да му донесе смрт на невиниот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
26 ‘Проклет да биде, кој не ќе ги пази зборовите на овој закон, да ги врши!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’”