Втзакон. (5 Moj.) 26 MKB

1 „Кога ќе стигнеш во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа,

2 земи малку првини од секој плод, што ќе го добиваш од земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава: стави ги во кошница, отиди во местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани во него Своето Име.

3 Пристапи му на свештеникот, кој тогаш ќе ја врши службата, и речи му: ‘Признавам денес пред Господа, својот Бог, дека стигнав во земјата, за која Господ им се заколна на нашите татковци дека ќе ни ја даде.

4 Потоа свештеникот ќе ја земе кошницата од твојата рака и ќе ја положи пред жртвеникот на Господа, твојот Бог.

5 Тогаш ти продолжи и кажи пред Господа, својот Бог: ‘Мојот татко беше арамејски скитник, кој со малку деца стигна во Египет за да се засолне. Ама таму стана голем, многуброен и силен народ.

6 Египетците постапуваа со нас лошо; нè угнетуваа и ни наметнаа тешко ропство.

7 Извикнувавме кон Господа, кон Бога, на нашите татковци. Господ го чу нашиот извик; ги виде нашиот јад, нашата неволја и нашата мака.

8 Господ нè изведе од Египет со силна рака и со испружена мишка, со голем страв со знаци и со чудеса.

9 И нè доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која течат мед и млеко.

10 И ете, сега, ги донесувам најпрвите плодови од почвата што си ми ја дал, Господи.’ Стави ги пред Господа, својот Бог, и искажи Му почитување.

11 А тогаш заедно со левитот и со придојденикот, кој ќе биде кај тебе, уживај ги сите добра со кои Господ, твојот Бог, те опсипа тебе и твојот дом.

12 А кога во третата година - годината на десетоците - го завршиш одделувањето на сите десетоци од своите приходи и им ги дадеш на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата по твоите градови, за да јадат до наситка,

13 тогаш, пред Господа, својот Бог, изјави: ‘Од дома го отстранив она што беше посветено. Им дадов уште и на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, според сите Твои заповеди што си ми ги дал. Не прекршив и не заборавив ниедна Твоја заповед.

14 Ништо не јадев од тоа при жалост; ништо не жртвував од тоа во нечистота, ниту му дадов нешто од тоа на мртовецот; го слушав гласот на Господа, својот Бог; во сè направив како што ми нареди.

15 Погледај од небесата, од Своето Свето Живеалиште, и благослови го својот Израелски народ и земјата која ни ја даде, земјата во која течат мед и млеко - како што им се заколна на нашите татковци.’”

16 „Господ, твојот Бог, ти заповеда денес да ги вршиш овие закони и одредби. Пази ги, и така, и исполнувај ги со сето свое срце и со сета своја душа.

17 Денес се договори со Господа дека Тој ќе ти биде Бог, а ти дека ќе одиш по Неговите патишта, дека ќе ги пазиш Неговите закони, Неговите заповеди и Неговите одредби, и дека ќе го слушаш Неговиот глас.

18 Денес Господ се договори со тебе дека ти ќе бидеш Негов народ, Неговата премила сопственост, како што ти ветил, и дека ќе ги пазиш сите Негови заповеди.

19 Тој ќе те возвиши со чест, со име и со слава над сите народи што ги создал; и ти ќе бидеш народ посветен на Господа, својот Бог, како што ти рече.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34