Втзакон. (5 Moj.) 16 MKB

1 „Пази го месецот Авив и слави ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, зашто Господ, твојот Бог, во месецот Авив, те изведе ноќе од Египет.

2 Како Пасха во чест на Господа, својот Бог, жртвувај од ситниот и крупниот добиток во местото што Господ ќе го избере за да го настани во него Своето Име.

3 Ништо со квас не јади со неа; туку седум денови јади бесквасен леб - леб на огорчение - бидејќи набрзина излезе од Египетската Земја: за да си спомнуваш во текот на целиот свој век за денот кога излезе од Египетската Земја.

4 Седум денови нека не се гледа кај тебе квас на целото твое подрачје, и ништо од месото на жртвата што ќе ја заколеш навечер не смее да остане преку ноќта до утрото.

5 Не е дозволено да се жртвува Пасхата во кој и да е град што ќе ти го даде Господ, твојот Бог,

6 туку во местото кое ќе го избере Господ, твојот Бог, за да го настани таму Своето Име; само таму жртвувај ја Пасхата во предвечерјето, при зајдисонцето, зашто во тоа време излезе од Египет.

7 Испечи ја и изеди ја на местото што ќе го избере Господ твојот Бог. Тогаш наутро сврти се и запати се кон своите шатори.

8 Шест дни јади пресни лебови, а на седмиот ден нека биде свечен собир во чест на Господа, твојот Бог. Не работи никаква работа!”

9 „Изброј седум седмици; а тие седум недели почни да ги броиш кога српот ќе почне да го жние класјето.

10 Тогаш празнувај го празникот Седмици во чест на Господа, својот Бог, принесувајќи Му доброволен принос од своите раце, како што Господ, твојот Бог, веќе ќе те благослови.

11 И весели се тогаш пред Господа, својот Бог - на местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани таму Своето Име - ти, твојот син и твојата ќерка, твојот слуга и твојата слугинка, левитот кој ќе биде во твојот град, придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе бидат кај тебе.

12 Спомни си дека и самиот беше роб во Египет. Затоа пази ги и врши ги овие одредби.”

13 „Празникот Сеници слави го седум денови, откако ќе ги собереш плодовите од твоето гумно и од својата каца.

14 Весели се на својот празник ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка, левитот и придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе се најдат во твојот град.

15 Празнувај во чест на Господа, својот Бог, седум денови на местото што ќе го избере Господ, зашто Господ, твојот Бог, ќе те благословува во сите твои жетви, во сите твои производи за да бидеш весел.

16 Трипати во годината сите твои машки нека се појават пред Господа, твојот Бог, на местото што ќе го избере: на празникот Бесквасен леб, на празникот Седмици и на празникот Сеници. Ама никој нека не доаѓа при Господа со празни раце,

17 но секој нека принесе што може, според благословот што ти го додели Господ, твојот Бог.”

18 „Во секој град, што ќе ти го даде Господ, твојот Бог, постави судии и надгледувачи за своите племиња, за да управуваат праведно со народот.

19 Не искривувај ја правдата; не биди пристрасен; не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува очите на мудрите, а ја загрозува работата на праведните.

20 Стреми се кон самата правда, за да живееш долго и за да ја земеш во сопственост земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава.”

21 „Не поставувај ашери и од било какво дрво околу жртвеникот на Господа, својот Бог, што ќе го издигнеш;

22 и не подигај столбови, зашто Господ, твојот Бог, го мрази тоа.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34