Втзакон. (5 Moj.) 32 MKB

1 „Слушајте, небеса, сега ќе зборувам, чуј ги, земјо, зборовите на мојата уста!

2 Мојата наука нека дожди како дожд, мојот збор нека паѓа како роса, како дождец по младо зеленило, како пороен дожд по трева!

3 Зашто, ќе го возвишувам Господовото име, а вие, величајте Го нашиот Бог!”

4 „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит.

5 Тие се развратија не Му се синови, туку синовски изроди, изопачен и лукав пород.

6 Така ли Му враќаш на Господа, глупав и безумен народе! Не е ли Тој твој Татко, усвоител, Кој те создаде, преку Кого постоиш?

7 Спомни си за древните денови, разгледај ги годините од век до век. Прашај го татка си, и ќе те поучи, распрашај ги постарите, па ќе ти кажат.

8 Кога Сèвишниот им го делеше наследството на народите, кога ги разместуваше човечките синови, им ги одреди меѓите според бројот на Божјите синови:

9 тогаш на Господа Му падна Неговиот народ, Јаков Му беше Негово наследство.

10 Тој го најде во степска земја, во морничава пустинска пустина. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око.

11 Како орелот што бдее над гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крила, го зема, па го носи на Своите перја.

12 Самиот Господ го водеше него, туѓ бог немаше со него.

13 Го поведе по височините на земјата, го нахрани со полските плодови, му даде мед од пештера, и масло од цврста стена;

14 кравја маст и овчо млеко со мрсно од јагниња, васански овни и јарци, со жито како бубрежно сало, и го напои со пенливата крв на грозјето.

15 Јадеше Јаков и се насити, се згои Есурун па почна да удира со нозе. Си се здебелил, си се згоил, се салоса. Го заборави Бога Кој го создаде и ја презре Стената на своето спасение.

16 Со туѓите богови Го направија ревнив. Го разјарија со своите гнасотии.

17 Им жртвуваа на злите духови што не се Бог, на боговите што не ги познаваа порано, на придојдениците кои стигнаа скоро и од кои нивните татковци не се плашеа.

18 Не се грижиш за Стената што те даде на свет, не си спомнуваш веќе за Бога, Кој те роди!”

19 „Господ го виде тоа, и во Својот гнев ги отфрли Своите синови и ќерки.

20 ‘Ќе им го скријам Своето лице - рече - и ќе видам каков ќе биде нивниот крај. Зашто е изопачено тоа колено, синови во кои нема верност.

21 Со ништожен бог ме поттикнаа на ревност, Ме раздразнија со своите ништожества, и Јас ќе ги направам нив ревниви, ќе ги огорчам со некој глупав народ!

22 Да, пламна пожарот на Мојот гнев, и ќе гори до гробните длабочини; ќе ја проголта земјата и сето она што таа го раѓа, и ќе и ги изгорам планините до основите.

23 Сите неволји ќе се навалат на нив, Своите стрели ќе ги истрошам врз нив.

24 Ќе умираат од глад, ќе ги трујат треската и лутиот помор. Ќе испратам против нив ѕверски заби и отров на оние што лазат во правот.

25 Надвор мечот ќе ги погубува децата, а стравот ќе владее внатре. Ќе гинат еднакво - момче и девојка, доенче и седокос старец.

26 Реков: „Ќе ги раселам, ќе им го избришам споменот од помеѓу луѓето.”

27 Но се боев од непријателското потсмевање: би можеле да им се излажат противниците, па да речат: „Победата е наша, тоа не го изврши Господовата рака.”

28 Зашто тоа е народ без знаење, нема остроумност во нив.

29 Да се мудри, веќе и би се досетиле, би разбрале што ги чека.

30 Како може еден да натера илјада во бегство, и двајца да гонат десет илјади, ако нивната Стена не ги предаде, ако Господ не ги предаде?

31 Но нивната стена не е како нашата Стена; нашите непријатели се осудени.

32 Зашто нивната лоза е од содомската лоза и од гоморските лозја; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се гроздови на горчина;

33 нивното вино е змиски отров, жесток јад и лута отровница.’

34 ‘Но не е ли тој во мене како скапоценост, запечатен во моето сокровиште?

35 Моја е одмаздата и наградата во времето кога ќе им се сопне ногата. Зашто е близу денот на нивната пропаст, нивната судбина им се доближува брзо!’

36 Господ ќе му суди на Својот народ, ќе им се смилува на Своите слуги. Ќе види дека им исчезнува силата, дека им е крај и на робот и на слободниот.

37 Тогаш ќе рече: ‘Па каде се нивните богови, каде е стената зад која се засолнуваа?

38 Тие што го јадеа салото на нивните закланици и го пиеја виното на нивните налевници? Нека се дигнат и нека ви помогнат, нека ви бидат засолниште!

39 Сега гледате дека единствено Јас Сум, и дека нема друг Бог покрај Мене! Јас усмртувам и оживувам; Јас удирам и исцелувам и никој не се избавува од Мојата рака.

40 Да, јас ја кревам Својата рака кон небото и велам: „Да не бидам Јас вечно жив

41 ако не го земам судот во своите раце, откако ќе го наоштрам Својот блескав меч, за да им се одмаздам на Своите непријатели, за да им платам на оние Кои Ме мразат Мене.

42 Своите стрели ќе ги испијанам со крв и Мојот меч ќе се најаде месо, крв од убиени и заробени, глави од непријателските кнезови.”‘

43 Воскликнувајте, о небеса, со Него обожувајте Го, Божји синови! Воскликнувајте, племиња, со Неговиот народ, вознесувајте ја Неговата сила, Господови пратеници. Зашто ќе ја одмаздам крвта на Своите слуги, со иста мерка ќе им вратам на непријателите, ќе наплати од оние кои Го мразат Него, ќе ја очисти од грев земјата на Својот народ.”

44 Дојде Мојсеј со Исуса, синот Навинов, па ги изговори во ушите на народот зборовите на оваа песна.

45 Кога Мојсеј им ги изговори сите овие зборови на сиот Израел,

46 им рече: „Во своите срца посадете ги овие зборови, што ги земам денес за сведоци против вас; наредете им на своите синови да ги пазат, вршејќи ги сите зборови на овој Закон.

47 Та тоа не е за вас празно слово, зашто тоа е ваш живот. Заради ова слово ќе живеете долго во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.”

48 Во тој ист ден Господ му рече на Мојсеја:

49 „Искачи се на гората Нево, во Аваримската Планина - што е во Моавската Земја спроти Ерихон - па разгледај ја Ханаанската Земја што ќе им ја дадам во сопственост на Израелевите синови

50 Потоа умри на гората на која ќе се искачиш и придружи им се на своите предци, како што и твојот брат Арон, кој умре на гората Ор, им беше придружен на своите.

51 А тоа е зашто ме изневеривте среде Израелевите синови при Мерива Кадис, при водите во пустината Син: не ја прославивте Мојата светост меѓу Израелевите синови.

52 Затоа само оддалеку ќе ја видиш оваа земја, ама нема да влезеш во неа - во земјата што им ја давам на Израелевите синови.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34